Врз основа на член 50 став 1 од Закон за научно-истражувачката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/08, 103/08, 24/11, 80/12, 24/13, 147/13, 41/14, 145/15, 154/15, 30/16 и 53/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 257/20, 163/21, 64/24 и 235/24) и член 4 од Правилникот за начинот и постапката за финансирање на научно-истражувачки проекти односно програми („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/09, 149/09, 34/11 и 129/13), Министерството за образование и наука распишува
К О Н К У Р С
за распределба на средства за финансирање на научно-истражувачки проекти на државните универзитети-факултети/научни институти/МАНУ за 2025 година
Министерството за образование и наука ќе распредели средства за финансирање на научно-истражувачки проекти и тоа:
-Вкупно 15 (петнаесет) проекти од подрачјето на природно-математички науки, инженерство и технологија, медицински и здравствени науки, земјоделски и ветеринарни науки[1]
-Вкупно 10 (десет) проекти во следните области од Стратегијата за смарт специјализација[2] во насока на дигитална и зелена транзиција:
o Паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност;
o Информациски и комуникациски технологии (ИКТ);
o Електро-машинска индустрија-Индустрија 4.0;
o Одржливи материјали и паметни згради;
-Вкупно 15 (петнаесет) проекти од подрачјето на општествени и хуманистички науки
1.Корисници
1.1 Министерството за образование и наука распределува средства за финансирање на научно-истражувачки проекти на државните универзитети-факултети/научни институти/МАНУ.
1.2 Секој факултет/научен институт/МАНУ има право да поднесе пријави за финансирање на најмногу пет научно-истражувачки проекти.
1.3 Во случај кога факултетот/научниот институт/МАНУ има поднесено повеќе од една пријава, истата има право за распределба на средства за финансирање на најмногу четири научно-истражувачки проект.
[1] https://nacionalensovetzavoinid.com.mk/images/dokumenti/Uredba%20Frascati.pdf
2. Истражувачки тим
2.1. Истражувачкиот тим на научно-истражувачкиот проект треба да е составен од главен истражувач со научно односно наставно-научно звање кој е вработен на факултетот/научниот институт/МАНУ, кој е носител на проектот и најмалку уште еден истражувач со наставно-научно звање, како и најмалку два млади истражувачи. Министерството за образование и наука ги охрабрува факултетите/научни институти/МАНУ во истражувачкиот тим како млади истражувачи да ги вклучат државните стипендисти кои студирале и студираат во странство со што би се овозможило побрз трансфер на знаењата од развиените земји.
2.2. Во истражувачкиот тим може да се вклучи и истражувач странец без право на финансиски средства од Буџетот на Република Северна Македонија.
2.3. На овој конкурс еден главен истражувач може да биде истражувач на само еден проект, а еден истражувач може да биде учесник на најмногу два проекти.
2.4. Главен истражувач не може да биде лице кое во претходен проект не ги исполнило
законските услови во однос на проектите финансирани од Буџетот на Република Северна Македонија, односно средства не се доделуваат за проект доколку главниот истражувач на проектот не доставил годишен или завршен извештај за претходниот проект или истиот бил негативно оценет.
3. Критериуми за учество на Конкурс
3.1. Изјава за согласност на секој учесник од истражувачкиот тим, за негово учество во проектот.
3.2. Согласност од истражувачкиот тим дека во рамките на проектот за резултатите од проектот ќе публикуваат минимум два научни труда во списание со импакт фактор, списанија евидентирани во меѓународни бази.
Истражувачкиот тим да ги објави сите научно-истражувачки трудови (согласно авторските права на издавачот) во репозиториумот на матичниот институт/универзитет најдоцна во рок од 30 дена по реализација на проектот.
3.3. Согласност од деканот/директорот на институтот дека:
- проектот со резиме, цели и резултати ќе бидат презентирани на веб-страницата на факултетот/научниот институт/МАНУ и Министерството за образование и наука;
- во рамките на проектот, истражувањето и резултатите од проектот ќе бидат објавени во репозиториумот на матичниот факултет/институт/универзитет/МАНУ
- во рамките на проектот, истражувањето и резултатите од проектот ќе бидат презентирани на научно-стручен собир, односно настан согласно со научно-истражувачкото подрачје;
- максималното учество на авторските хонорари ќе изнесува најмногу 10% од вкупната вредност односно вкупните трошоци на проектот (вкупната вредност на проектот според финансискиот план за проектот и вкупно направените трошоци на проектот за целосна реализација на проектот финансирани преку Министерството за образование и наука);
- по завршување на проектот да достави завршен извештај (финансиски и наративен дел) за реализацијата на проектот;
- да обезбеди проектот со резиме, цели и резултати да биде презентиран на веб-страницата на корисникот подносител на Пријавата за финансирање на проект и Министерството за образование и наука, во рок од 30 дена по реализацијата на проектот;
- по завршување на проектот да обезбеди изјава дека средствата добиени од Министерството за образование и наука за финансирање на предметниот проект се единствениот извор на средства за плаќање на трошоците за намената за која се префрлени овие средства како и дека нема неизмирени финансиски обврски за предметниот проект.
3.5 Научно-истражувачки проект ќе биде финансиран само доколку содржински не е идентичен со некој минат или тековен научно-истражувачки проект.
3.6 Научно-истражувачките проекти кои вклучуваат истражувања со пациенти или биолошки материјал од пациенти или проекти кои вклучуваат истражувања со експериментални животни треба да содржат одобрување од етичкиот комитет на институцијата.
4. Финансирање
4.1. Финансирањето на проектот ќе се одвива според утврдена динамика и фазите на проектот. Средствата за првата фискална година се доделуваат по потпишување на договорот, а ќе продолжат и за втората година додека трае проектот, но не повеќе од 2 (две) години.
4.2. Вкупниот износ за финансирање на проект изнесува до 8.000.000 денари, за времетраење на проектот до 2 (две) години, сметајќи ја 2025 година за почетна односно прва година за реализација на проектот и 31 октомври 2026 година за краен рок за реализација на проектот.
4.3 Во првата година (2025 година) од реализација на проектот, може да бидат одобрени средства во износ од најмногу 40% од вредноста на проектот, но не повеќе од 3.200.000,00 денари.
4.3 Министерството за образование и наука средствата за финансирање на проектот ќе ги доделува на факултетот/научниот институт/МАНУ според доставено писмено Барање до министерството согласно финансискиот план составен дел од договорот. За доделените средства факултетот/научниот институт/МАНУ задолжително на секои 4 (четири) месеци доставува до Министерството за образование и наука финансиски и наративен извештај и документација за фактички направените трошоци за реализација на проектот.
4.4 Доколку по завршување на проектот се утврди дека средствата или дел од средствата доделени од Министерството за образование и наука се потрошени ненаменски и спротивно на договорот и финансискиот план составен дел од договорот факултетот/научниот институт/МАНУ задолжително овие средства ги враќа односно уплатува на сметка на Министерството. За истото пред склучување на договорот деканот/директорот на институтот и носителот на проектот ќе достават изјава дека под целосна морална и кривична одговорност доделените средства ќе ги користат исклучиво наменски.
4.5 Цената на чинење на проектот ја сочинуваат трошоците за материјали и суровини, патни трошоци, дневници, надоместоци за ангажирање на експерти, производни и непроизводни услуги, одржување на опрема, набавка на литература и други трошоци кои се во функција на реализација на проектот (набавка/закуп на информатичка и научно-истражувачка опрема, публикување на резултатите од проектот, за објава во списанија, организирање и учество на научни собири и настани).
Министерството за образование и наука нема да финансира набавка на нова информатичка и лабораториска опрема доколку истата веќе е набавена и финансирана со јавни средства. Линк за увид на лабораториска опрема во земјата: https://mon.gov.mk/content/?id=4750
4.6 Средствата за финансирање на проектите од Конкурсот се обезбедуваат од Буџетот на Министерството за образование и наука, Раздел 16001, Потпрограма 71-Научно истражувачка работа, ставка 464.
5. Постапка и рокови за реализација
5.1. Конкурсот се објавува и трае 45 дена од денот на објавувањето во средствата за јавно информирање.
5.2.Факултетите/научните институти/МАНУ пополнуваат електронска пријава на порталот e-uslugi.mon.gov.mk и согласно Конкурсот за доделување на средства за финансирање на научно-истражувачки проекти ги прикачуваат потребните документи.
5.3. Пријавата се доставува до Комисијата за рангирање на научно-истражувачки проекти на факултетот/научниот институт/МАНУ.
5.4. Проектите се оценуваат од независни рецензенти избрани од страна на министерот за образование и наука преку јавен оглас.
5.5. Рецензирањето на проектите се врши врз основа на оценувачките критериуми од точка 6 од Конкурсот, во рок од 15 дена по завршување на рокот за пријавување по Конкурсот.
5.6. Комисија формирана од страна на министерот за образование и наука составува ранг-листа на позитивно оценетите проекти која се објавува на веб страната на Министерството за образование и наука и изготвува предлог одлука за распределба на средства, во рок од 7 дена од денот на добивање на оценетите проекти од страна на рецензентите.
5.7. Комисијата изготвува и доставува Известување до секој подносител на пријава по Конкурсот, за оценка на проектот кое содржи детално образложение за оценка на проектот и известување за финансирање на проектот односно одбивање за финансирање на проектот, како и други релевантни информации од значење за подносителот на пријавата во врска со проектот и финансирањето на проектот.
5.8. При изготвување на ранг-листата и предлог одлуката за распределба на средства, предност ќе имаат оние проекти предложени од главен истражувач кој има објавено најмалку 2 трудови во списанија со импакт фактори во последните три години, како и главен истражувач кој има објавено најмалку 2 трудови во списанија евидентирани во меѓународни бази или списанија со меѓународен уредувачки одбор, а другите средства ќе се распределуваат на оние кои имаат помалку од два или немаат објавено такви трудови.
5.9. Одлуката за финансирање на проектите се донесува од страна на министерот за образование и наука, врз основа на ранг-листата на позитивно оценетите проекти, предлог-одлуката за распределба на средства и расположливите средства во Буџетот на Република Македонија.
5.10. Министерот за образование и наука и факултетот/научниот институт/МАНУ потпишуваат договор за финансирање на научно-истражувачки проекти во кој се дефинирани сите обврски од проектот во рок од 7 (седум) дена од денот на донесување на Одлуката за финансирање на проектите.
5.11. Во текот на реализација на проектот, договорот за финансирање на научно-истражувачкиот проект, може да се измени и дополнува во рамките на одобрените финансиски средства за реализација на проектот утврдени во договорот, до таа мера што нема да има влијание врз резултатите на проектот.
5.12. Во текот на целокупната реализација на проектот, договорот за финансирање на научно-истражувачкиот проект, може да се измени во рамките на вкупно одобрените финансиски средства за одобрените ставки во финансискиот план за реализација на проектот утврдени во договорот најмногу до 20% од страна на корисникот на проектот без да се бара одобрение од страна на Министерството за образование и наука, за што задолжително го известува министерството во рок од 15 дена по направената измена. Не е дозволено додавање на нови ставки во рамките на одобрениот финансиски план.
5.13. Во текот на целокупната реализација на проектот, договорот за финансирање на научно-истражувачкиот проект, може да се измени во рамките на вкупно одобрените финансиски средства за одобрените ставки во финансискиот план за реализација на проектот утврдени во договорот повеќе од 20%, за што факултетот/научниот институт/МАНУ доставува Барање за измена и дополнување на договорот. По доставеното Барање министерот за образование и наука формира комисија која го разгледува барањето и до министерот доставува предлог одлука. Не е дозволено додавање на нови ставки во рамките на одобрениот финансиски план.
6. Оценувачки критериуми
6.1. Критериуми по кои се врши оценувањето на предлог-проектот се:
-придонес на проектот во продлабочување и проширување на научните знаења;
- оригиналност на целите и предметот на истражувањето;
- актуелност, релевантност, иновативност, впечатливост на целите и предметот на истражување;
- детално разработени цели и активности од проектот со јасни и мерливи индикатори;
- веројатност во постигнување на очекуваните резултати и можности за примена на резултатите во реална временска рамка;
- компетентност на главниот истражувач и предложениот истражувачки тим;
- вклученост и оспособување на млади научно истражувачки кадри;
- исполнетост на материјално технички и други инфраструктурни услови за реализација на проектот;
- детално разработен финансиски план за потребните средства за реализација на проектот и оправданост и реалност на трошоците во предложениот финансиски план потребни за реализација на проектот;
- конкурентност на проектот за меѓународна соработка и
- релевантност на проектот за меѓународна соработка
6.2. Секој од наведените оценувачки критериуми, независни рецензенти ги вреднуваат со оценка од 1 (најмала вредност) до 5 (најголема вредност). Проектот е позитивно оценет доколу добил средна оценка најмалку 3,5.
7. Оценување на резултатите на проектот
(евалуација на проектот)
7.1. Во текот на реализација на проектот се доставуваат наративни и финансиски извештаи за реализација на проектот.
7.2. Евалуацијата на реализираните проекти ја вршат најмалку двајца рецензенти, од кои еден е рецензентот кој го бодувал предлог-проектот. Во случај на спреченост на рецензентот кој го бодувал проектот, се избира нов рецензент.
7.3.Рецензентите даваат оценка за следниве компоненти: исполнетоста на условите/обврските од согласноста од точка 3 од Конкурсот и исполнетоста на дадените податоци и информации од пријавата за критериумите по кои се извршило оценувањето (бодирањето), научен карактер на финалната студија, реализираност на предложените цели на проектот, употреба на предложената методологија, релевантност на добиените резултати, вклученост на предложениот тим, трошење на средствата според одобрениот буџет и финансискиот и наративниот извештај.
7.4. Максималната оценка за остварување на резултатите на проектот изнесува 5.
7.5. Независно од оценката за севкупните остварувања на резултатите, доколку при оценка на резултатите од проектот, во финансискиот и наративниот извештај има отстапувања од фактичката состојба, истражувачкиот тим нема публикувано минимум два труда во списанија со импакт фактор, списанија евидентирани во меѓународни бази, а истражувањето и резулатите од проектот не се презентирани на научно-стручен собир, односно настан согласно со научно-истражувачкото подрачје, оценката на резултатите на проектот не може да биде 3,5 или поголема.
7.6. Рецензентите за утврдената оценка даваат детално образложение за истата и наведуваат детални забелешки во случај на остапувања, а задолжително во случај на оценка на проектот со оценка од 3,5 и помалку.
7.7. За забелешките од рецензентите Министерството за образование и наука писмено го известува корисникот за постапување по забелешките во рок од 30 дена по добивање на известувањето од Министерството за образование и наука.
8. Доставување на Пријави за Конкурсот
8.1. Пријавата за научно-истражувачки проекти се пополнува во електронска форма на порталот e-uslugi.mon.gov.mk и согласно Конкурсот се прикачуваат потребните документи.
8.2. Пријавите со непотполни податоци и нецелосна документација, пријави пополнети на несоодветен образец, пријави и документи кои не се верификувани со потпис и со печат (како што е означено во пријавата и документите), како и оние што нема да бидат доставени во наведениот рок, нема да бидат разгледувани.
8.3. Подносителите на пријавите ќе бидат известени за резултатите од конкурсот најдоцна 30 дена по завршување на рокот за пријавување.
8.4. Резултатите од Конкурсот, ќе бидат објавени на веб страницата на Министерството за образование и наука: www.mon.gov.mk