Регионалниот совет за соработка – RCC (Regional Cooperation Council) одобри „Техничка помош за креирање патокази на истражувачки инфраструктури на Западен Балкан“ како дел од напорите на RCC да ја поддржи мобилноста на истражувачите и да ја зајакне соработката со истражувањето преку помагање во регионално мапирање на истражувачки инфраструктури. Со техничката помош беа опфатени Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Република Северна Македонија кои изразија интерес за ваков вид поддршка, што исто така е едно од барањата на регионот од страна на Европската Комисија.
Во почетната фаза, тимот експерти ги анализираше постојните политики за истражување и иновации во Република Северна Македонија со акцент на тековните реформи во истражувачкиот сектор преку преглед на постојните стратегии и други документи поврзани со политиките за истражување и иновации, тековниот статус на процесот на развој на стратегиите за паметни специјализаци и правната рамка за истражувачки инфраструктури. Во почетната фаза одговорено е на прашалник составен од двајцата избрани експерти и испратени се сите документи побарани од нивна страна (Законот за научно-истражувачка дејност, Законот за иновациска дејност, Правилници кои ја опфаќаат тематиката за наука, истражување и иновации, листа на јавни и приватни универзитети, листа на јавни и приватни научни институти, база на лаборатории и слично.
Следната фаза вклучуваше спроведување на истражување и собирање на технички податоци за истражувачката инфраструктура. Прашалникот беше доставен до сите јавни и приватни универзитети и јавни и приватни научни установи во Република Северна Македонија, на што беа доставени повратни податоци од сите заинтересирани страни.
Последната фаза резултираше со развој на Патоказ за истражувачките инфраструктури за секоја од четирите држави меѓу кои и Патоказот за истражувачката инфраструктура на Република Северна Македонија на англиски јазик и истиот е преведен и лекториран на македонски и на албански јазик.
Министерството за образование и наука е одговорно за развојот на научните истражувања, високообразовниот систем и технолошкиот развој. И покрај фактот што универзитетите во Република Северна Македонија се претежно фокусирани на образованието, исто така универзитетите се занимаваат и со истражувачка дејност, во која главно учествуваат јавните универзитети. Од вкупно 62 истражувачки лаборатории / институти што одговорија на прашалникот, 20 поседуваат единечна капитална истражувачка опрема во вредност од над 50.000 евра. Што се однесува до јавните универзитети, капиталната истражувачка опрема главно се наоѓа во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Институтот за современи композити и роботика во Прилеп е единствената приватна истражувачка институција која поседува капитална истражувачка опрема.
Во сеопфатниот документ Патоказ за истражувачката инфраструктура на Република Северна Македонија е претставен постојниот истражувачки потенцијал на Република Северна Македонија со цел да се постават принципите за идниот развој на истражувачката инфраструктура и да се предложат препораки за зајакнување на истражувачкиот сектор и општествениот развој во целост. Со оглед на малиот број меѓународно релевантни големи истражувачки инфраструктури во кои членува Република Северна Македонија, истражувачката инфраструктура во овој документ се однесува на истражувачките објекти и опрема во рамките на истражувачките институции (универзитети и истражувачки институти) чија намена е да обезбедат основни услови за истражувачки активности.