Владата на Република Северна Македонија, на својата 207 седница одржана на 12 декември 2023 година, ја усвои „Стратегија за паметна специјализација на Република Северна Македонија 2024-2027“, и „Акциски план 2024-2025“
Стратегија за паметна специјализација, е новата стратегија за истражување и иновации, која ќе ги замени Стратегијата за конкурентност (2016-2020) и Стратегијата за иновации (2012-2020), кои веќе се истечени. Стратегијата ќе додаде вредност на националната стратешка рамка и ќе воспостави синергија со други релевантни стратешки документи како што се ИПА 3 Стратешки одговор - Прозор 4 Конкурентност и инклузивен раст, Индустриската стратегија (2018-2017), Стратегија за мали и средни претпријатија (2018-2023), Планот за забрзан раст (2022-2026) и други стратешки документи поврзани со истражување, развој и иновации, вклучително и новата Национална развојна стратегија која е во фаза на подготовка. Воедно, Стратегијата е во корелација со повеќе европски стратешки документи и иницијативи поврзани со Агендата за Западен Балкан за истражување и иновации, новиот План за раст на Западен Балкан, новата Европска агенда за иновации, Европскиот зелен договор итн.
Временската рамка на која се однесува Стратегијата е четири години, а средствата за спроведување се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија и други извори на финансирање, односно донаторски програми и проекти.
Визија на Стратегијата е поттикнување на зелен и одржлив раст преку вклучување на знаење, иновации и технологија, за создавање производи и услуги со висока додадена вредност конкурентни на меѓународниот и домашниот пазар.
За постигнување на визијата на Стратегијата, утврдени се четири вертикални приоритетни области кои имаат највисок економски, иновативен и истражувачки капацитет, за создавање нова додадена вредност, и тоа:
1. Паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност;
2. Информациски и комуникациски технологии (ИКТ);
3. Електро-машинска индустрија-Индустрија 4.0;
4. Одржливи материјали и паметни згради;
како и две хоризонтални приоритетни области кои имаат взаемна поврзаност со вертикалните области и поседуваат потенцијали за вкрстена иновација:
1. енергија за иднината, и
2. туризам;
Стратешки (општи) цели на Стратегијата се:
1. Создавање основи за научна извонредност;
2. Подобрување на екосистем за иновации;
3. Подобрување на конкурентноста и еколошка одржливост на деловниот сектор;
4. Развој на човечки капитал и вештини за иновации, зелена и дигитална трансформација;
5. Дигитална трансформација на економијата и општеството; и
6. Вкрстена цел: Обезбедување континуиран дијалог за паметна специјализација и добро владеење.
Согласно стратешките (општи) цели утврдени се и посебни цели, кои ќе се реализираат преку поголем број мерки и активности, односно микс на политики кои ја следат ориентацијата на ЕУ за зелена транзиција и силна и сеопфатна употреба на дигитални решенија.
До крајот на четиригодишниот период, со реализација на Стратегијата меѓу другото е предвидено да се постигне:
- унапредување на севкупните иновациски перформанси на земјата[1];
- подобрување на рангот на иновацискиот екосистем на земјата на глобално ниво[2];
- зголемена соработка академија-индустрија на полето на истражување, развој, иновации;
- повисока стапка на иновативни деловни субјекти;
- зголемен број на иноватори;
- зголемена стапка на вработени лица во истражување и развој (% од вкупното активно население)[3].
Стратегијата е развиена во соработка и согласно методологијата на Здружениот истражувачки центар на Европската Комисија - ЗИЦ (анг. European Commission Joint Research Center - JRC), како и со нивно континуирано водство и системска поддршка од меѓународни и локални експерти, во сите фази. Во процесот на изработка на стратегијата се вклучија и повеќе донаторски проекти кои поддржаа одредени активности и го споделија своето знаење и искуство.
Министерството за образование и наука и Министерството за економија, го координираа процесот на развивање на Стратегијата, преземаа низа активности, интензивно соработувајќи со други надлежни институции од приватниот, академскиот, јавниот и граѓанскиот сектор според моделот на четирикратна спирала.