Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: Нова група пријатели од САД ќе волонтира во нашите училишта, Мировниот корпус речиси три децении активно придонесува во образовниот процес

Јаневска: Нова група пријатели од САД ќе волонтира во нашите училишта, Мировниот корпус речиси три децении активно придонесува во образовниот процес

 

Јаневска: Нова група пријатели од САД ќе волонтира во нашите училишта, Мировниот корпус речиси три децении активно придонесува во образовниот процес

 

Соработката и партнерствата кои поврзуваат луѓе од различни земји и култури,  поттикнуваат меѓусебно разбирање, справување со различни предизвици и овозможуваат заедничкиот просперитет. Ангажманот на волонтерите на Мировниот корпус е пример за моќта на таква соработка. Тие речиси три децении овде го вложуваат своето искуство во градењето генерации ученици со поголеми знаења и вештини, за што сме многу благодарни.

Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето на церемонијата на која новите волонтери на Мировниот корпус дадоа свечена заклетва.

„Денес ги поздравуваме и им посакуваме добредојде на 36 наши нови пријатели, од кои дел почнуваат со волонтирање во 17 училишта, распоредени во различни локални заедници од нашата убава држава. Верувам дека и тие ќе ја засакаат и ќе го вложат целото свое знаење и умеење за да им помогнат на учениците да го совладаат англискиот јазик. Исто така верувам, дека нелагодноста што ги оставиле своите семејства, пријателите и удобноста на домот, во престојните две години, од ден на ден, ќе ја заменуваат со радост од запознавањето нова култура, обичаи, нов крајолик и секако нови луѓе, кои за нас се нашето најголемо богатство“, рече министерката.

Ова е 27-ма група волонтери на американскиот Мировен корпус, што дојде во септември а изминатите 11 недели мина низ обука која вклучува учење македонски или албански јазик, стекнување знаења за културата и обичаите во земјава како и запознавање со Програмата за англиски јазик и инклузија, на која ќе работат во основните и во средните училишта. 

„Не се сомневам дека новите волонтери, одбрани со одлични препораки и со обуката што ја минаа овде, ќе бидат значајна помош на заедниците каде ќе работат, исто како и сите нивни претходници. Нивната соработка со професорите по англиски јазик во училиштата, ќе ги зајакне јазичните вештини на учениците и ќе ја поттикне нивната љубопитност. Преку игри, приказни, практични активности и други креативни методи за учење странски јазик, дури и во училиштата посиромашни со нагледни средства, ќе им бидат од голема помош на учениците“, посочи Јаневска.

Министерката се заблагодари на амбасадорката Агелер и на САД за долгогодишниот ангажман на волонтерите како и за безрезервната поддршка,  партнерството и континуираното вложување во трајното пријателство меѓу двете држави и нивните народи.

Волонтерите ќе работат во училиштата во Делчево, с.Облешево, с.Конче, Тетово, Берово, Кочани, Неготино, Крива Паланка, Демир Капија, Куманово, Велес, с.Букович, с.Долно Палчиште, Битола, Свети Николе, Прилеп и с.Глоѓи. Ќе живеат во семејства-домаќини.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar