Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска денеска оствари средба со шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин на која ги претстави тековните активности на министерството во насока на унапредување на квалитетот на воспитно – образовниот систем.
Јаневска изрази задоволство што Шведска е поддржувач на напорите за подобрување на наставата во Македонија и очекува соработката да продолжи и во иднина.
Со финансиска поддршка од Шведската Влада, УНИЦЕФ и МОН реализираат проект преку кој се зајакнуваат вештините за предавање на наставниците по предметите од областа на природните науки, особено од аспект на тоа како да се заинтересираат учениците и да се подигне свеста за важноста на грижата за животната средина.
Амбасадорката Ларсон Џеин најави дека овој проект ќе има продолжение следната календарска година и преку нов циклус обуки ќе бидат опфатени дополнителен број наставници.