Врз основа на член 54 став 1 од Законот за ученичкиот стандард („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14, 146/15, 30/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/20 и 302/20), Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.180/24), и Решението за распишување Конкурс за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година бр. 19-10130/1 од 27.09.2024 година, министерството за образование и наука распишува
КОНКУРС
за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година
Министерството за образование и наука за учебната 2024/2025 година ќе додели 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА
Право на стипендија имаат учениците кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија, а ги исполнуваат следните услови:
1. Да се редовни ученици во средно училиште, кои во текот на претходната учебна година освоиле награда-диплома за поединечно/групно освоено I, II или III место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на уметноста;
2. Да имаат постигнат континуиран одличен успех во досегашното образование;
3. Да не повторувале година во текот на образованието;
4. Да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;
5. Да се државјани на Република Северна Македонија.
Критериум за доделување на стипендиите се освоена поединечна/групна награда/диплома на меѓународни или државни натпревари.
За критериумот освоена награда и диплома во поединечна/групна категорија на меѓународни или државни натпревари за ученици од I, II, III и IV година, за освоено I (прво), II (второ) или III (трето) место/награда на меѓународен или државен натпревар по предмет односно струка (област) што ученикот ги изучувал согласно наставниот план и соодветните наставни програми, максималните бодови се утврдуваат на следниот начин и тоа:
I (прво) освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар се вреднува со 10 бодови,
II (второ) освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар се вреднува со 8 бодови,
III (трето) освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар се вреднува со 6 бодови,
I (прво) освоено место на државен натпревар со 9 бодови,
I (прва) освоена награда на државен натпревар со 8 бодови,
II (второ) освоено место на државен натпревар со 7 бодови,
II (втора) освоена награда на државен натпревар со 6 бодови,
III (трето) освоено место на државен натпревар со 5 бодови,
III (трета) освоена награда на државен натпревар со 4 бодови.
Секое освоено место/награда/медал во поединечна категорија на меѓународни натпревари, се вреднува со дополнителни 2 бода, секое освоено место во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителни 2 бода, а секоја награда во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителен 1 бод.
Секое освоено место/награда/медал во групна/екипна категорија на меѓународни натпревари, се вреднува со дополнителен 1 бод, секое освоено место во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителен 1 бод, а секоја награда во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителен 0.5 бод.
На пример, ученикотoт кој освоил прво место на државен натпревар, трето место на меѓународен натпревар и втора награда на државен натпревар, се стекнува со 23,5 бодови (9 бодови за освоено прво место на државен натпревар + 6 бодови за освоено трето место на меѓународен натпревар + 6 бодови за освоена втора награда на државен натпревар). Дополнително ученикот се здобива со + 2,5 бодови (1 за освоено место на државен натпревар, 1 за освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар и 0.5 за освоена награда на државен натпревар).
Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место, односно награди-дипломи и пофалници за учество на натпревари без освоено место, наградите-дипломите кои се освоени пред последната учебна година нема да се земат во предвид.
За место/награда освоени на државно ниво ќе се признаваат само награди доделени од акредитирани здруженија на наставници од страна на Министерството за образование и наука кои организираат натпревари на ученици.
Под меѓународен натпревар се подразбира меѓусебен натпревар меѓу ученици од најмалку десет различни држави.
II. НАЧИН И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ
Учениците кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, од 01.10.2024 до 15.10.2024 година.
Потребните документи за доставување се следните:
1. Потврда дека кандидатот е редовен ученик во учебната 2024/2025 година;
2. Свидетелства за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение); (Да се прикачат скенирани оригинални свидетелства)
3. Дипломи за освоени награди/места на државни и/или меѓународни натпревари; (Да се прикачат скенирани оригинални награди/дипломи)
4. Доказ за меѓународниот карактер на натпреварот (кој ќе докажува дека освоената награда/место е од меѓусебен натпревар меѓу ученици од најмалку десет различни држави).
5. Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија, објавена во прилог на Конкурсот;
8. Трансакциска сметка на име на ученикот;
Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Правилникот за образецот на барањето за сместување во ученички дом и образецот на барањето за доделување стипендија, со потребната документација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр 189/16 и 41/17), ќе го обезбеди следниот документ:
-Уверение за државјанство на Република Северна Македонија од Министерството за внатрешни работи.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е некомплетна и доколку не е доставена преку http://e-uslugi.mon.gov.mk.
Доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година и освоени награди во струката за која се школува ученикот.
Списокот со избраните кандидати ќе биде објавен на http://e-uslugi.mon.gov.mk во делот „Новости“ најдоцна до 21.11.2024 година, а сите кандидати ќе добијат решенија во врска со статусот на поднесените апликации на своите електронски профили на http://e-uslugi.mon.gov.mk .
III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА
Висината на стипендијата ќе изнесува 3.500,00 денари месечно и ќе се исплатува во траење од девет (9) месеци за времетраењето на учебната 2024/2025 година.