По повод 21 март Светскиот ден на поезијата, Министерството за образование и наука во соработка со меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“ распишува
КОНКУРС ЗА НАЈДОБРА ПЕСНА
За учениците од основните училишта
Наследните теми:
I Категорија: За учениците од прво до третто одделение
„Мојата песничка – моја слика за шарен и весел свет“
Oваа тема треба да ја поттикне креативноста и имагинацијата на најмладите ученици.
Учениците од прво до трето одделение покрај пишаниот збор, можат да се изразат и со графички прикази на букви и цртежи.
II Категорија: За учениците од четврто до шесто одделение
„Збор по збор - песна“
Оваа тема треба да ги насочи учениците од оваа возраст да ја забележат специфичната текстуална композиција и структура на песната.
III Кaтегорија: За учениците од седмо до деветто одделение
„Да напишеме стих- да создадеме поубав свет”
Овие тема треба да ги инспирира учениците од оваа возраст и да им ја предочи моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот.
I. УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО
Право на учество на конкурсот имаат учениците од прво до деветто одделение од основните училишта на територијата на Република Северна Македонија.
II. НАЧИН И РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Песната треба да биде оригинална, со силен поетски израз која ги отсликува горенаведените теми за песна од конкурсот.
Песната треба да биде напишана со читлив и јасен ракопис, напишана на јазикот на кој ученикот ја следи наставата во училиштето (македонски јазик, албански јазик, турски јазик, босански јазик и српски јазик).
Големината на песната и композицијата на песната се по избор на ученикот кој ја создава.
Песната како стихувана творба, со определена ритмика и метрика, може да биде организирана во строфи или астрофични, со рима или неримувана.
Учениците од прво до трето одделение покрај со користење на букви, зборови можат да користат и комбинација од зборови, синтагми и како интертекстуалност можат да користат слики.
Еден ученик може да испрати само една индивидуална авторска песна.
Песните кои не ги задоволуваат критериумите или се со непримерна содржина ќе бидат веднаш дисквалификувани.
Песната се испраќа во плик до Министерството за образование и наука. На песната треба да стои шифра и во посебен внатрешен плик означен со истата шифра да бидат доставени податоците за ученикот (име и презиме, одделение, училиште, општина и контакт телефон од родител/старател). Посебниот внатрешен плик ќе биде отворен само за наградените песни по извршениот избор.
Песните заедно со пликот со податоци за ученикот кој ја напишал песната се доставува со следнава назнака „За конкурс за најдобра песна по повод 21 март Светскиот ден на поезијата” .
Песните потребно е да се испратат најдоцна до 05-ти март 2024година, до Министерство за образование и наука на следнава адреса: ул. „Св.Кирил и Методиј“ бр. 54 , 1000 Скопје.
III. НАЧИН НА ИЗБОР
За избор на најдобрите песни, Министерствотозаобразование и наука ќе формира комисија за секој од наставните јазици, составена од пет членови меѓу кои и претставници назначени од меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“
Песните ќе се избираат од комисија за соодветниот наставен јазик.
IV. ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДИ
Министерот за образование и наука ќе додели пригодни награди само за учениците кои ќе освојат прво местово секоја од трите категории за секој од наставните јазици. За учениците кои ќе освојат второ и трето место ќе им се доделат признанија
Министерството за образование и наука на 21 март 2024 година на својата веб страница (www.mon.gov.mk) ќе ги објави наградените трудови со шифрите.