Негативните последици од пандемијата со Ковид 19 врз квалитетот на образованието во глобални размери ги потврди и меѓународната ПИСА студија што беше спроведена во 2022 година. Денеска Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги објави резултатите од ова последно меѓународно тестирање, кои покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15 годишна возраст во речиси сите држави учеснички.
Со минимална разлика, резултатите за Северна Македонија го задржуваат нивото кое беше измерено во 2018 година. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61-то место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71-то место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68-то место во Европа.
Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики. ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми.
ПИСА тестирањето за прв пат кај нас се реализираше електронски, а ОЕЦД даде висока оценка која ја потврдува техничката подготвеност на Северна Македонија и беспрекорноста на спроведувањето, што не е случај во 20% од земјите учеснички во кои не беше запазен барем еден од стандардите на изведување на тестирањето.
Ова е четврто учество Република Северна Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно бевме дел од студиите во 2000та, 2015та и 2018та година. Во месеците април и мај 2022 година беа опфатени 6610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик. Реализатор на студијата кај нас е Државниот испитен центар.