Врз основа на член 54 став 1 од Законот за ученичкиот стандард („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14, 146/15, 30/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/20 и 302/20), Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2023/2024 година (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 202/23) и Решението за распишување Конкурс за доделување 100 (сто) стипендии за талентирани ученици од средното образование освен за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2023/2024 година бр. 19-11173/2 од 16.10.2023 година, Министерството за образование и наука распишува
К О Н К У Р С
за доделување 100 (сто) стипендии за талентирани ученици од средното образование (освен за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите) од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2023/2024 година
Министерството за образование и наука за учебната 2023/2024 година ќе додели 100 (сто) стипендии за талентирани ученици од средното образование освен за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА
Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија, а ги исполнуваат следните услови:
1. Да се редовни ученици од I, II, III и IV година, кои во текот на претходната учебна година освоиле награда-диплома за поединечно освоено I, II или III место на меѓународен натпревар или на државен натпревар по предмет односно струка (област) што ги изучувале согласно наставниот план и соодветните наставни програми;
2. Да постигнале континуиран одличен успех во досегашното образование;
3. Да не повторувале година во текот на образованието;
4. Да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;
5. Да се државјани на Република Северна Македонија.
Критериум за доделување на стипендиите се освоена-и поединечна-и награда-и/диплома-и на меѓународни или државни натпревари.
За критериумот освоена награда-и и диплома-и во поединечна категорија на меѓународни или државни натпревари за ученици од I, II, III и IV година, за освоено I (прво), II (второ) или III (трето) место/награда на меѓународен или државен натпревар по предмет односно струка (област) што ученикот ги изучувал согласно наставниот план и соодветните наставни програми, максималните бодови се утврдуваат на следниот начин и тоа:
I (прво) освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар се вреднува со 10 бодови,
II (второ) освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар се вреднува со 8 бодови,
III (трето) освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар се вреднува со 6 бодови,
I (прво) освоено место на државен натпревар со 9 бодови,
I (прва) освоена награда на државен натпревар со 8 бодови,
II (второ) освоено место на државен натпревар со 7 бодови,
II (втора) освоена награда на државен натпревар со 6 бодови,
III (трето) освоено место на државен натпревар со 5 бодови,
III (трета) освоена награда на државен натпревар со 4 бодови.
3.2. Секое освоено место/награда/медал во поединечна категорија на меѓународни натпревари, се вреднува со дополнителен 1 бод, секое освоено место во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителен 1 бод, а секоја награда во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителен 0.5 бод.
На пример, ученикот/чката кој/а освоил/а прво место на државен натпревар, трето место на меѓународен натпревар и втора награда на државен натпревар, се стекнува со 23,5 бодови (9 бодови за освоено прво место на државен натпревар + 6 бодови за освоено трето место на меѓународен натпревар + 6 поени за освоена втора награда на државен натпревар). Дополнително ученикот/чката се здобива со + 2,5 бодови (1 за освоено место на државен натпревар, 1 за освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар и 0.5 за освоена награда на државен натпревар).
Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место, односно награди-дипломи и пофалници за учество на натпревари без освоено место, наградите-дипломите кои се освоени пред последната учебна година нема да се земат во предвид.
За награди освоени на државно ниво ќе се признаваат само награди доделени од акредитирани здруженија на наставници од страна на Министерството за образование и наука кои организираат натпревари на ученици.
Под меѓународен натпревар се подразбира меѓусебен натпревар помеѓу ученици од најмалку десет различни држави.
Доколку има повеќе кандидати/ки со ист број на бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година.
II. НАЧИН И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ
Учениците кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk од 18.10.2023 до 01.11.2023 година.
Потребните документи за доставување се следните:
1. Потврда дека е редовен ученик во учебната 2023/2024 година;
2. Свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение); (да се прикачат скенирани оригинални свидетелства)
3. Дипломи за освоени награди на државни и/или меѓународни натпревари; (да се прикачат скенирани оригинални награди/дипломи)
4. Доказ за меѓународниот карактер на натпреварот.
5. Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија;
6. Изјава потпишана од родител-старател дека доставените документи се вистинити;
7. Изјава за користење на лични податоци потпишана со цело име и презиме од родител-старател;
8. Трансакциска сметка на име на ученикот;
Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Правилникот за образецот на барањето за сместување во ученички дом и образецот на барањето за доделување стипендија, со потребната документација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.189/16 и 41/17), ќе го обезбеди следниот документ:
-уверение за државјанство на Република Северна Македонија од Министерството за внатрешни работи.
Доколку има повеќе кандидати/ки со ист број на бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година и освоени награди во струката за која се школува ученикот.
Доколку има повеќе кандидати/ки со ист број на бодови, комисијата има право да додаде дополнителен критериум
Кандидатите нема да бидат рангирани ако прикачената документација е некомплетна или доколку документите се достават/испратат хартиено.
Списокот со избраните кандидати ќе биде објавен на 01.12.2023 година на интернет страницата на Министерството.
Се задолжуваат сите добитници на стипендии по објавувањето на списокот, а најдоцна до 15.12.2023 година да го потпишат договорот за стипендија со Министерството за образование и наука.
Сите кандидати кои нема да го почитуваат овој рок ќе се смета дека се откажуваат од стипендијата.
III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА
Висината на стипендијата ќе изнесува 3.500,00 денари месечно и ќе се исплатува во траење од девет (9) месеци за времетраењето на учебната година 2023/2024.