Министрите за образование од 16 земји во Европа, меѓу кои и Северна Македонија, денеска во Варшава, Полска потпишаа нов договор за продолжување на CEEPUS - Централноевропската програма за размена на универзитетски студии IV, која овозможува мобилност на студенти, професори и научници и стипендирање на нивната доедукација и професионална надградба.
За време на потпишувањето на новиот договор со важност до 2032 година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири изрази задоволство што соработката помеѓу досегашните земји учеснички во програмата продолжува, а тоа, како што рече, потврдува дека сме големо и обединето семејство кое функционира успешно, обезбедувајќи нови перспективи на човечкиот капитал како основа на севкупниот напредок на регионот.
„Посакувам бројот на воспоставени релации, на реализирани академски размени да расте. Тоа е суштината на оваа соработка, која добива уште повеќе на значење во време кога образованието и науката со голема брзина се интернационализираат, а заедничките дипломи имаат сè поголема вредност“, рече Шаќири, потсетувајќи дека Северна Македонија веќе 18 години е дел од CEEPUS програмата.
Министерот нагласи дека по враќањето во Скопје, информацијата за новиот договор ќе ја сподели со научниците, истражувачките работници, академските професори и студентите со апел да продолжат да создаваат и користат шанси во рамки на програма. Но, претходно ги повика и научниците, професорите и студентите од другите земји, да ја посетат Северна Македонија, затоа што, како што истакна, иако сме мала земја во развој, има што да научат од нас.
„Имаме образовен систем кој забрзано напредува и наука во која интензивно се вложува. Имаме позитивни практики на кои се гордееме, како на пример темелна реформа во основното и средното образование која во моментов се спроведува, целосна модернизација на лабораториите на научните и високообразовните установи, драстичен пораст на средствата за финансирање на научни проекти од јавен интерес и модернизација на лабораториите во рамки на научните и високообразовните установи“ потенцираше Шаќири.
Додаде дека со вкрстувањето на искуствата и идеите, очекува сите земји заедно да изградат подобар регион и место за живеење и работење на граѓаните.
Централноевропската програма за размена на универзитетски студии IV (CEEPUS) е регионална програма за академска мобилност, во која покрај Северна Македонија, во моментов учествуваат и Албанија, Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Полска, Молдавија, Романија, Србија, Словачка, Словенија и Косово. Започна да се имплементира во 1994 година, а нашата земја се приклучи во 2005 година.