Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Потпишан Правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост

Потпишан Правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост

 

Потпишан Правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост

 

Mинистерот за образование и наука Јетон Шаќири, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и министерот за здравство, Беким Сали, денеска во Владата на Република Северна Македонија, го потпишаа Правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост. Со Правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост се доуредува начинот на функционирање на стручните тела за проценка, начинот на вршење на проценката, како и начинот на остварување на дополнителната поддршка од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и заштитата на децата. Правилникот го подготвија Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, а со поддршка на УНИЦЕФ.

Според министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, правилникот е важен инструмент за подигнување на степенот на инклузивност на националниот образовен систем. Како што рече, во него прецизно се дефинирани сите чекори од првично проценување на потребите на ученикот, до одредување на типот на поддршка и обезбедување на таа поддршка низ образовните установи.

„Полесно ќе се изработува индивидуален образовен план за работа со ученик со попреченост и модифицирана програма, а воедно и полесно ќе се дефинира инклузивниот тим, односно ќе се одредува каков тип на стручен кадар треба да работи со тој ученик, дали ќе биде потребна образовна асистенција, или пак ќе се ангажира личен асистент“, потенцираше Шаќири.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска нагласи дека мерките за дополнителната поддршка и услугите за децата со попреченост од денеска ќе се обезбедуваат врз основа на наод и мислење на стручните тимови за функционална проценка и стручните тимови за координација и следење на спроведувањето на функционална проценка.

Министерот за здравство, пак, Беким Сали појасни дека за воведување на овој модел за функционална проценка на деца и млади, развиен во согласност со Меѓународната класификација на функционирањето, биле спроведени низа активности во насока на усогласување на легислативата во нашиот здравствен систем.

“Големо достигнување е што секторите за здравство, образование и социјална заштита во Северна Македонија работат заедно на унапредување на правата и подобрување на животниот стандард на децата и младите со попреченост. УНИЦЕФ е подготвен да продолжи со поддршка на Владата и на заедниците”, рече Патриција Ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ.

На настанот се обратија и Спасе Додевски, претседавач со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост, како и Горан Петрушев, раководител на Службата за функционална проценка на деца и млади при Здравствен Дом- Скопје.

[ четврток, 12 јануари 2023 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar