Обезбедувањето квалитетни учебници е дел од темелната реформа на националниот образовен систем, унапредувањето на наставните содржини и модернизација на наставата. Материјалите од кои учениците учат се директно поврзани со наставните програми, постигнувањето на планираните резултати од учењето и стекнувањето на потребни компетенции.
Министерството за образование и наука информира дека Педагошката служба досега одобри 73 учебници за средно стручно четиригодишно образование, за општо-образовни предмети и за Математичко-информатичката гимназија.
На конкурсот објавен за учебници за прва година по 72 предмети, доставени се ракописи за учебници за 33 предмети а по повикот формирани се авторски тимови за 32 предмети. За 7 предмети авторите не покажале интерес. Педагошката служба досега донесла одлука за одобрување учебници за 39 предмети.
Кај учебниците за втора година, од побараните ракописи за 207 предмети, за 50 предмети немало интерес кај авторите. За втора година средно стручно четиригодишно образование и општо образовни предмети, досега се одобрени 27 учебници.
За трета година, по објавениот конкурс за учебници за 366 предмети, доставени се ракописи за 134 предмети, а по повикот формирани се авторски тимови за 51 предмет. За 181 предмет авторите не покажале интерес за изготвување учебник. Педагошката служба досега одобри 7 учебници.
По конкурсот за издавање учебници за четврта година, објавен за 319 предмети, доставени се 100 ракописи, за 219 предмети немало доставено ракописи, по што е објавен повик за авторски тимови. Формирани се 50 авторски тима.
Министерството за образование и наука ги охрабрува авторите да учествуваат на конкурсите за изготвување учебници. Вложувањето во знаењето на младите денес ја креира иднината на државата.