Фармацевтскиот факултет во Скопје во изминатите четири и пол децении се наметна со квалитетот на академската дејност, посветеноста, високостручниот и научноистражувачки кадар, работеше на усогласување со европските програми за студирање, и постепено но сигрно прераснуваше во мотивирачка средина за учење која на студентите им нуди современи услови за учење, можности за меѓународна размена а на научните работници можности за развој и усовршување. Ова го нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири на одбележувањето на 45 години постоење и работа на Фармацевтскиот факултет во Скопје.
„За да можете како Факултет да ги реализирате своите крупни заложби, неопходно е да имате целосната поддршка од надлежните институции. Ние, како Министерството за образование и наука, целосно ги поддржуваме вашите напори за опстојување на врвот на академската и научно-истражувачката дејност во земјава и пошироко. Затоа сме горди на континуираниот развој на наставно-образовната дејност на Факултетот, која резултира со добро обучени дипломци, подготвени за брзо вклучување на пазарот на труд. Во рамки на повеќето студиски програми , се создаваат професионалци за кои нашата земја навистина има потреба“, рече министерот Шаќири.
Со цел да се поттикне создавањето на млади научни кадри, МОН воведе стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки, но и ги врати стипендиите за постдипломски студии во државата. Заложбата за постојано зголемување на буџетот за наука, како што рече Шаќири, очекуваме да резултира со развој на научно-истражувачката дејност.
„И Фармацевтскиот факултет при УКИМ е една од високообразовните установи на кои на ланскиот преку повик им беа одобрени средства за унапредување на условите за работа во лабораториите и за обезбедување на повеќе можности за научните и истражувачките работници. Верувам дека ако државата вложува во нова опрема на научните лаборатории, ако научните работници се вложат себе си во истражувањата, тоа е вистинскиот пат по кој треба да одиме како држава, ако сакаме напредок и развој“, посочи министерот, додавајќи дека вложувањето во знаењето на граѓаните, во иновации и во научни проекти е инвестиција во иднината на оваа земја и инвестиција во младите.
Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје е највисока ¬обра¬зовна, научна и здравствена институција од областа на фармацијата во Република Северна Македонија, основана во 1977 година.