Обезбедувањето образование за секое дете е еден од врвните приоритети на Министерството за образование и наука. Во таа насока, МОН ги поддржува активностите и проектите насочени кон еднаков пристап до образование за децата Роми, преку мотивирање на децата редовно да ја следат наставата и да се запишат во следните одделенија. Тоа е целта на проектот „Редовно на часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“ финансиран од Европската Унија, преку кој во учебната 2021/2022 беа доделени 596 стипендии на ученици Роми, запишани во прво до четврто одделение. Имплементатор на Проектот е Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со Здружението Центар за образовна поддршка „Дендо вас“ и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.
Право на стипендија имаа ученици Роми чии семејства добиваат социјална помош, поврзана со приходите на семејствата и кои ја обновуваат стипендијата доделена во учебната 2020/2021. Стипендистите доаѓаат од 73 основни училишта од 31 општини, 51% се девојчиња и 49% момчиња. Преку стипендиите се намалува финансискиот трошок на ромските семејства поврзан со школувањето на нивните деца. Стипендиите се доделуваат на период од една учебна година, во висина од 400 евра годишно (во денарска противвредност), а нивното задржување и обновување зависи од редовноста на децата на часови. Стипендијата е наменета за покривање на трошоците за школување на децата, храна, облека, училиштен прибор и материјали, спортска и друга опрема за воннаставните активности на децата.
Во текот на првото полугодие од оваа учебна година, 47 основни училишта каде учат стипендисти на проектот, спроведуваа воннаставните училишни активности, кои преку игра и заедничко учество ја поттикнуваа интеракцијата и размената на знаење помеѓу учениците и интеграцијата на учениците Роми. Училиштата добија поддршка од проектот во висина од максимум 2.500 евра по училиште, која вклучува дидактички материјали, училиштен прибор, спортски реквизити, училиштен мебел, библиотечен материјал, опрема, материјали за уредување на училишните дворови, како и мали адаптациони работи за уредување креативни и пријатни училишни катчиња за учење и дружење на децата, родителите и наставниците. Училиштата преку низа активности промовираа еднакви можности за сите ученици, воспоставувајќи позитивна клима во училиштето и трансформирајќи го училишниот простор во инклузивна и стимулативна средина за учење.
Проектот ќе се имплементира до октомври 2022.