Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Фински искуства како поддршка во креирање и спроведување на автентичен модел на образование во Северна Македонија

Фински искуства како поддршка во креирање и спроведување на автентичен модел на образование во Северна Македонија

 

Фински искуства како поддршка во креирање и спроведување на автентичен модел на образование во Северна Македонија

 

Согласно сите параметри и показатели кои го одредуваат нивото на квалитет, финскиот образовен модел е еден од најдобрите во глобални размери. Најрелевантен показател се постигнувањата на финските ученици на најпознатите и најпрестижни меѓународни тестирања и натпревари каде тие се секогаш меѓу прворангираните. Тоа е потврда за стекнатите знаења и вештини на финските ученици во тамошните училишта.

Северна Македонија како земја во развој има тенденција да ги следи глобалните образовни трендови, а благодарение на нововоспоставената билатерална соработка помеѓу двете земји, Министерството за образование и наука и другите институциите на системот во државава кои работат во оваа област, добиваат поддршка од финските.

Во таа насока, денес беше организиран и еднодневен вебинар на кој беа споделени фински образовни искуства како поддршка на реформите во основното образование во нашата земја. На вебинарот учествуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и раководителите на повеќе сектори во МОН, како и претставници од Бирото за развој на образованието, од Педагошката служба и од повеќе основни училишта во државата. Додека од другата страна, претставници беа финскиот амбасадор за Република Северна Македонија, н.е. Кимо Лахдевирта, советници во финската Национална агенција за образование, професори од финскиот универзитет за едукација на наставен кадар - Оулу, како и низа образовни експерти.

Повеќе теми беа предмет на дискусија, но фокусот најмногу беше ставен на градењето на мрежа на училишта кои континуирано ќе се заложуваат за подигнување на конкурентноста и со какви стимулативни мерки истите да бидат поддржани од надлежните институции на системот. Претставниците на Финска го споделија искуството околу подготовката на нивната национална стратегија.

Во своето воведно обраќање на вебинарот, финскиот Амбасадор Кимо Лахдевирта истакна дека развивањето на целиот образовен систем бара време.

„Во Финска, реформирањето на образовниот систем сè уште трае. Станува збор за единствена комбинација од различни фактори, така што секоја земја која се стреми да ги следи финските чекори треба да ја погледне поголемата, сеопфатна слика. Финска е подготвена да го сподели своето знаење и оттаму веруваме дека за образованието, меѓународната соработка е од клучно значење“, истакна Лахдевирта.

Министерот за образование и наука Шаќири изрази голема благодарност до претставниците од финските образовни институции за отвореноста да и’ помогнат на нашата земја да напредува во процесот на креирање и спроведување на автентичен концепт за современо образование.

 „Во период кога Северна Македонија е насочена кон имплементација на крупни реформи особено во делот на основното образование, многу ни е важно да ги слушнеме искуствата на оние кои всушност ги диктираат глобалните образовни трендови. Ние и досега учевме од Финска. Сме го анализирале финското образование, но оваа непосредна комуникација е најдобар начин за запознавање со политиките кои вие ги креирате и спроведувате, а тоа многу ќе ни помогне“, рече Шаќири.

Двете страни дискутираа и за важноста да се поседува стратегија за мотивација и обука на наставниот кадар за организирање на што повеќе креативна и интерактивна настава, за што неопходно е вложување во нивните дигитални вештини, обезбедување на ИТ технологии и дигитални и интерактивни материјали за учење.

Министерот Шаќири рече дека МОН во последните две-три години посветува големо внимание на наставниот кадар, кој е всушност најважната алка во процесот на едукација, потенцирајќи дека и најдобрите реформи хартија, не би успеале доколку училиштата не поседуваат квалитетен, добро обучен и мотивиран кадар за работа.

„Затоа и ги зголемивме нивните плати за над 20 проценти во изминатиот период, а воведовме и можности за кариерен напредок. Работиме на тоа да имаат подобри услови за реализирање на наставата, а особено сме посветени на обезбедувањето континуирани обуки за професионален развој“, рече Шаќири.

На крајот од семинарот се дискутираше и за креирањето на политики за заштита на учениците од сите облици на насилство, особено од насилството преку интернет.

Претставниците на Северна Македонија и Финска се согласија дека организирањето на вебинари од ваков тип е добар начин за размена на искуства и дека оваа непосредна комуникација ќе продолжи и во следниот период. 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar