Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска: Заедно со мојот тим покажавме дека државата може подобро

Царовска: Заедно со мојот тим покажавме дека државата може подобро

 

Царовска: Заедно со мојот тим покажавме дека државата може подобро

 

Интервју за порталот fakulteti.mk

Не сте дел од новиот владин состав. Заврши ли Вашата политичка кариера?
 
- Завршува мојот мандат како министерка за образование и наука, но не и мојот ангажман во областа на политичкиот и граѓанскиот активизам. Политичките функции се мандатни. Имаат времен карактер и со тоа се расчистува уште при самото назначување на државничка позиција. Затоа е и важно во периодот во кој сте ангажирани да раководите со одредена институција да пристапите најодговорно, да направите добар тим и заедно да се заложите со сиот капацитет за да го остварите тоа што се очекува од вас, односно тоа што сте го ветиле пред граѓаните за да им овозможите поквалитетен живот. Горда сум на мојот тим и на многу постигнати резултати во изминатиот период, во кој покрај министерка за образование и наука, добив доверба од премиерот да раководам и со ресорот труд и социјална политика, а воедно и да бидам вицепремиерка за економски прашања. Ценам дека заедно со мојот тим покажавме дека државата може подобро, поставивме добра основа за континуиран развој на националниот образовен систем, ја унапредивме социјалната заштита и ја подигнавме ефективноста на економските политики, преку повеќе и подобро платени работни места.

 

 

Јавноста многу Ве критикуваше. Од денешен аспект, што не би направиле, а што дополнително би направиле во образованието?
 
- Образованието е жива материја која не трпи застои, мора да се менува и приспособува на современите образовни стандарди, глобални, но и општествени текови и промени. Како од земја во развој ќе напредуваме и ќе станеме развиена земја ако не го менуваме и унапредуваме образованието, а и другите општествени сегменти? Промените во образованието што се случија за време на мојот мандат требаше да се случат многу одамна. Да не бидам погрешно разбрана, но веројатно не постоела доволна подготвеност за да се прифати товарот кој го наметнуваат тие промени, а тоа се последиците врз личниот и политичкиот кредибилитет. Затоа што јасно е дека секоја крупна новина предизвикува реакции, поделеност на јавноста и негодувања поради нарушување на одреден комодитет и промена на децениските навики. Сепак, јас не сум тип на политичар кој креира политики и носи одлуки индивидуално, без направена анализа и без консултација со засегнатите страни, со мојот тим и со експертската или воопшто целата јавност. Особено ми значеше поддршката и придонесот на другите институции, граѓански здруженија, но и меѓународните организации што работат во областа на заштитата и унапредувањето на правата на децата, како УНИЦЕФ, УСАИД и Светска банка и така натаму. Тие станаа вистински партнери на нашата земја и покажаа искрена намера за да помогнат работите кај нас да се променат на подобро.
 
Така што, сето тоа што е спроведено во образованието е базирано на истражување и анализа и со пресметан, односно проектиран ефект стојам зад секоја моја одлука и спроведена активност, а ги имаше многу. Во сите области. Како во основното и во средното образование, така и во високото и во науката. Образовните реформи се предвидени и во владината програма која доследно ја спроведуваме. Успешноста и квалитетот се потврдија и преку имплементацијата и задоволството на наставниците и учениците во првото полугодие. Новата владина програма предвидува продолжување на сите реформски процеси што ги започнавме.
 
 
 
 
Кој беше најголемиот предизвик со кој се соочивте?
 
- Лажните вести, дефинитивно. Ова веќе го имам соопштено во неколку наврати и мојот став останува непроменет. Секогаш кога ќе се обидете да направите нешто добро, во корист на граѓаните, се појавуваат шпекулации, неточни информации од кои дел се сензационалистички и тие создаваат вознемиреност, несигурност и ја поткопуваат довербата во вас и вашето работење. И покрај тоа што работите транспарентно, отчетно, не можете да ја спречите појавата на таквите невистини. Тие најмногу доаѓаат од центри на политичка моќ, а целта е јасна - стекнување дневнополитички поени. Сето тоа одзема време и енергија затоа што морате да објаснувате дека не е така како што кажал некој политичар од спротивниот табор, или како што некој напишал на „Фејсбук“ и тоа брзо се раширило. Дека не е така како што пренел некој медиум, односно новинар кој претходно не проверил добро или не се подготвил добро за темата за која пишува. Затоа и одлучивме да дејствуваме за да го уништиме коренот на оваа, жаргонски речено, „пандемија на лажни вести“. Одлучивме да дејствуваме преку образованието. Медиумската писменост стана дел од образовниот систем, од повеќе предмети во сите одделенија, а почнувајќи од првото. Само така добро ќе ги подготвиме новите генерации да ги препознаваат и отфрлаат лажните вести и со тоа да имаат поздрава основа за креирање свој став и свое мислење за секоја работа.
 
Што направивте за системите за образование и за социјална заштита?
 
- Има многу. Ќе посочам дека со социјалната реформа целосно го променивме начинот на кој државата се грижи за најранливите. За 300 отсто ја зголемивме финансиската помош и овозможивме поддршка при вработување. Невработеноста оди во надолна линија. Ги унапредивме правата на лицата со попреченост, а што е најважно - влијаевме врз промената на перцепцијата на јавноста за овие лица. Создадовме социјална сигурност за повозрасните и го решивме деценискиот проблем на стечајците, обезбедувајќи им месечен надоместок до пензионирање. За да ја намалиме детската сиромаштија, воведовме детски и образовен додаток. А среќна сум и што повеќе немаме деца згрижени во гломазните државни институции. Сите сега живеат во семејна атмосфера, со повеќе љубов и внимание во малите групни домови. Инвестиравме во раниот детски развој и воспитание. Изградивме најсовремени градинки и вложивме во усовршување и кариерен развој на воспитувачите и негувателите - враќајќи го достоинството на оваа професија. Со образовната реформа, пак, создадовме добра основа за континуиран развој на националниот образовен систем. Имаме нова Концепција за основно образование, етапно се воведуваат нови наставни програми и материјали за учење, а променет е и пристапот на наставниците во наставата, која станува поинтересна, интерактивна и покреативна.
 
Ќе ја споменам и дигитализацијата, која токму во услови на пандемија се интензивира и некако фативме чекор со земјите кои беа понапред од нас во овој дел. Се фокусиравме на средните стручни училишта, концептот на дуално образование се прошири, а во наставата се вклучија и компаниите со кои се подобрува подготовката на учениците и се скратува времето од образование до работа. Науката ја заживеавме со двојно зголемен буџет во период од 3 години, што значи повеќе пари за научниците, за научноистражувачки проекти и за иновации. Само во последните 2 месеца распределивме речиси 250 милиони денари за развој на лабораториите на научните и високообразовните установи и за реализација на научни проекти. Платите на универзитетскиот кадар се зголемија, а со потпишаниот колективен договор, постојано ќе растат. Ученичките и студентските стипендии значително се зголемија, а се воведоа и нови категории. Ќе ги издвојам оние за трет циклус студии воведени првпат и оние за втор циклус кои ги вративме по повеќе од 10 години откако беа укинати, а како поддршка за студентите воведовме и средства за субвенциониран студентски оброк, кој го користат над 27 илјади студенти. Вложивме многу во образовната инфраструктура. Имаме проект за реконструкција на сите студентски домови кој ќе заврши до 2024 година. Неколку училишта и спортски сали се изградени, а и нови се градат во моментов. Опремивме 260 кабинети по природни науки, набавивме интерактивни табли. Библиотечни фондови со таблет-уреди за училиштата, за да можат сите да ги искусат придобивките од новите дигитални материјали за учење, кои воедно станаа и инклузивни, бидејќи освен печатени, достапни се и на Брајово писмо, но и во аудиоформат. Ова се работи кои се паметат, имаат трајна вредност и значат подобро, поквалитетно и образование достапно за сите деца.
 
 
 
 
 
Но, се паметат и протестите со кои се соочивте поради дел од активностите што ги спроведовте.
 
- Демократите дозволуваат луѓето јавно да го искажуваат ставот кој го застапуваат, независно дали е креиран по сопствено убедување или, пак, некој друг им го наметнал, а тоа лесно се препознава. А јас и сите други припадници на политичката партија од која доаѓам сме социјалдемократи, така што јавниот протест не го задушуваме како што тоа се правеше не така одамна од некои други влади. И тоа што е издржано секогаш ќе биде прифатено и интегрирано во одредена политика. На пример, седнавме со средношколците кои бараа промени во полагањето на државната матура и се договоривме по однос на нивните барања. Седнавме и со тие што велеа дека историјата се менува, па појаснивме за што се работи. Разговаравме и со тие што реагираа на воведување пилот -програма за сеопфатно сексуално образование и работите им станаа појасни. Но дека имаше политичко влијание, или заднина на дел од протестите и групите што се појавуваа, апсолутно постои сомнеж. Одредени лица со постапките што ги правеа сами ја наведуваа јавноста на ваков заклучок, давајќи изјави во кои се гледаше дека не се сигурни за тоа или во тоа што го зборуваат. Но, се стишија. Веројатно се почувствуваа изманипулирани. А дел увидоа дека немаме задни намери, дека мислиме добро и работиме еднакво за сите деца. Сепак, како што напоменав, важно е да го почитувате правото на протест и јавно изразување на мислење. Тоа е демократска вредност и ние ја поседуваме.
 
 
 
 
Што следно ќе правите?
 
Јас, секако, продолжувам со мојот ангажман и активизам за придонес кон градење подобро и поправедно општество за сите граѓани. Општество во кое ќе нема место за дискриминација по ниедна основа. Останувам да се борам за заштита и развој на вредностите и идеологијата која ја застапувам. Продолжувам да се борам за подобар живот на граѓаните, да бидам дел од активното граѓанство кое менува и креира политики, затоа што ценам дека само така може да се даде придонес кон подобра и посигурна иднина на државата и на својот народ.
 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar