Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование веќе започнаа имплементација на наставни програми со кои се развива критичкото размислување и медиумската писменост кај децата од најмала возраст, што е основа за развој на здраво демократско општество.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска по повод неделата на медиумската писменост на настан на кој беше потпишан Меморандум за имплементација на проект на УСАИД, “Младите размислуваат”.
„Воведувањето на медиумската писменост во новите наставни програми кои се имплементираат од оваа учебна година, треба да помогнат во создавањето генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажни вести. Токму тоа е одликата на силното демократско општество, меѓу другото граѓаните да имаат пристап до точни и навремени информации“, рече Царовска.
Министерката посочи дека со новата Концепција, медиумската писменост се изучува како посебна тема во наставната програма по мајчин јазик. Но, секогаш кога е можно наставникот ќе ја интегрира медиумската писменост со останатите теми и подрачја, со цел да им се овозможи на учениците да ги поврзат знаењата од различните области во една целина.
Во учебната 2021/2022, новите наставни програми започнаа да се реализираат во прво и четврто одделение, и изучувањето на медиумската писменост се изучува во овие две одделенија и постепено ќе се воведува во новите наставни програми за другите одделенија.
„Веруваме во овој концепт, зашто критички освестени граѓани можат активно да учествуваат во јавните дебати и да влијаат врз промените. Таквите граѓани ги предизвикуваат институциите на поголема транспарентност и отчетност, нешто што е навистина потребно за прогрес на општеството кое води грижа за секој и за економски раст и развој на државата“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Проектот за медиумската писменост во Република Северна Македонија ќе го спроведува американската организација ИРЕКС која целата методологија ќе ја приспособи на локалните услови. Партнери во проектот се Амбасадата на САД, БРО и МИМ.