Врз основа на член 54 став 1 од Законот за ученичкиот стандард („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14, 146/15, 30/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/20 и 302/20), Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2021/2022 година (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 166/21), и Решението за распишување Конкурс за доделување 100 (сто) стипендии за талентирани ученици – спортисти од јавните и средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2021/2022 година бр.19-11184/1 од 26.07.2021 година, Mинистерството за образование и наука распишува
КОНКУРС
за доделување 100 (сто) стипендии за талентирани ученици - спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2021/2022 година
Министерството за образование и наука за учебната 2021/2022 година ќе додели 100 (сто) стипендии за талентирани ученици-спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА
Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија, а ги исполнуваат следните услови:
1. Да се редовни ученици од I, II, III и IV година, кои во текот на претходните две учебни години освоиле награда/диплома за освоено I или II место на меѓународен натпревар организиран од национална федерација или на државен натпревар од областа на спортот, организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт;
2. Да имаат постигнат најмалку просечен многу добар успех во досегашното образование;
3. Да не повторувале година во текот на образованието;
4. Да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;
5. Да се државјани на Република Северна Македонија.
Критериуми за доделување на стипендиите се остварен успех во текот на школувањето и освоена награда-и/диплома-и на државни или меѓународни натпревари.
За критериумот остварен успех, бодовите се добиваат според следната формула: Оценка = бод.
За критериумот освоена награда/диплома на државни или меѓународни натпревари и тоа за освоено I (прво) и II (второ) место на меѓународен или државен натпревар од областа на спортот, бодовите се утврдуваат во зависност од видот на освоената награда и тоа:
-I (прво) освоено место на меѓународен натпревар се вреднува со 5 бодови, а на државен натпревар со 4 бодови,
-II (второ) освоено место на меѓународен натпревар се вреднува со 4 бодови, а на државен натпревар со 3 бодови,
Додека типот на освоената награда се вреднува со 2 бодови за поединечно освоена награда и 1 бод за екипно освоена награда, на пр.: Доколку ученикот освоил прво место во групен спорт на државен натпревар тоа значи дека таа диплома ќе се вреднва со 5 бодови (4 бодови за освоено прво место на државен натпревар + 1 бод за екипно освоена награда), или
Доколку ученикот освоил второ место во поединечен спорт на меѓународен натпревар таа диплома ќе се вреднува со 6 бодови (4 бодови за освоено второ место на меѓународен натпревар + 2 бода за поединечно освоена награда).
За награди освоени на државен натпревар од областа на спортот ќе се признаваат само награди освоени на натпревари организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт, а не од спортски клубови, здруженија и сл.
II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Учениците кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во Министерството за образование и наука. од 01.09.2021 до 15.09.2021 година, од 08:00-16:00 часот.
Потребните документи за доставување се следните:
1. Евидентен лист, само за кандидатите што ќе аплицираат хартиено;
2. Потврда дека е редовен ученик во учебната 2021/2022 година;
3. Заверени на нотар фотокопии од свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение); (кандидатите кои аплицираат електронски, да прикачат скенирани оригинални свидетелства)
4. Заверени на нотар фотокопии од награди/дипломи за освоено I или II место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на спортот, организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт; (кандидатите кои аплицираат електронски, да прикачат скенирани оригинални награди/дипломи)
5. Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија;
6. Изјава потпишана од родител-старател дека доставените документи се вистинити;
Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Правилникот за образецот на барањето за сместување во ученички дом и образецот на барањето за доделување стипендија, со потребната документација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.189/16 и 41/17), ќе го обезбеди следниот документ:
-уверение за државјанство на Република Северна Македонија од Министерството за внатрешни работи.
Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место, односно награди-дипломи и пофалници за учество на натпревари без освоено место, наградите-дипломите кои не се освоени во претходната учебна година нема да се земаaт во предвид.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е некомплетна и ненавремено доставена.
Списокот со избраните кандидати ќе бидe објавен на 10.10.2021 година на интернет страницата на Министерството.
Се задолжуваат сите добитници на стипендии по објавувањето на списокот, а најдоцна до 20.10.2021 година да го потпишат договорот за стипендија со Министерството за образование и наука. Сите кандидати кои нема да го почитуваат овој рок ќе се смета дека се откажуваат од стипендијата.
IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА
Висината на стипендијата ќе изнесува 3.500,00 денари месечно и ќе се исплатува во траење од девет (9) месеци.
ЗАБЕЛЕШКА: Сите кандидати кои ќе доставуваат документи во хартија задолжително треба да достават и копија од лична трансакциска сметка, во спротивно пријавата нема да биде прифатена.