Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска: Средните стручни училишта забрзано се модернизираат и стануваат интересни за младите

Царовска: Средните стручни училишта забрзано се модернизираат и стануваат интересни за младите

 

Царовска: Средните стручни училишта забрзано се модернизираат и стануваат интересни за младите

 

Средните стручни училишта забрзано се модернизираат од инфраструктурен аспект и од аспект на обезбедување интересна и креативна настава фокусирана на практична обука, со што стануваат интересни за идните средношколци. Едно од нив е и „Браќа Миладиновци“ во Скопје кое воведува нови содржини преку кои учениците ќе стекнуваат квалитетни компетенции и вештини. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на средното земјоделско - ветеринарно училиште лоцирано во општина Кисела Вода кое отвори ЗОО парк и промовираше аквапоника систем, што од идната учебна година ќе служат за обука на учениците.

„Училиштето се одлучи за еден интересен концепт на работа и подготовка на учениците овде во рамки на самиот објект, искористувајќи ги сопствените капацитети и кадар и вложувајќи во свои работилници и места за практична обука на ученици. Всушност, ова училиште станува првото кое има вакви содржини, многу значајни за создавање на добро подготвени генерации преку обучување во природна средина“, рече Царовска, додавајќи дека и МОН преку СКИЛС проектот финансиран од Светска банка минатата година го потпомогна процесот на модернизација на училиштето, со тоа што беа набавени опрема, механизација и инструменти потребни за реализирање на практичната настава. 

„Училиштето е целосно подготвено за модерен начин на образование и очекувам да биде добар избор за идните средношколци, а јас со задоволство го препорачувам. Струките се дефицитарни, а образованието обезбедува конкурентност на пазарот на трудот.  Мотив плус се и стипендиите за ученици кои се запишуваат во дефицитарни струки, меѓу кои е и земјоделско – ветеринарната струка. Овие ученици можат да добиваат по 2200 денари месечно за 9 месеци го годината“, потенцираше Царовска. 

Министерката рече дека нејзините очекувања се во иднина од ова училиште да произлегуваат уште побројни и подобро подготвени генерации на ученици кои не само што брзо ќе се вработуваат, туку и самите ќе имаат и ќе реализираат свои бизнис идеи и ќе постанат работодавачи.

На пуштањето во употреба на зоолошката градина и на промоцијата на аквапоника системот во СУГС „Браќа Миладиновци“ присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и градоначалниците на град Скопје и Кисела Вода - Петре Шилегов и Филип Темелковски.

[ четврток, 10 јуни 2021 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar