Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / МОН: Ги појаснуваме клучните дилеми поврзани со дигиталните учебници

МОН: Ги појаснуваме клучните дилеми поврзани со дигиталните учебници

 

МОН: Ги појаснуваме клучните дилеми поврзани со дигиталните учебници

 

Реформата на образовниот систем е потребна и според мнозинството наставници и родители, и задоцнета. Со новите наставни програми, учениците се ставаат во центарот на образовниот систем. Министерството за образование и наука ги разбира дилемите што ги имаат родителите. Затоа со одговорите на најчесто поставуваните прашања и дилеми, ги појаснуваме клучните сегменти на промените коишто од есен ќе стартуваат во прво и четврто одделение.

-Учениците ќе поминуваат премногу време на компјутери и таблети.

Не е точно дека со реформата во основното образование или пак со дигитализацијата на учебниците ќе се постигне ваков ефект. Напротив, со реформата децата ќе поминуваат подолго и поквалитетно време на училиште каде ќе учат директно од наставнците, а помалку време ќе им биде потребно да учат подоцна самите. Дигитализацијата на учебниците, лесното пребарување по нив и користење на напредни мултимедијални содржини ќе овозможи побрзо и поефикасно да учат и се развиваат. Децата родени во дигиталната ера, според сите светски истражувања, поминуваат многу време со дигиталните уреди. Преку овој пристап, наставните содржини се прилагодуваат на современите формати, преку кои тие многу полесно и побрзо ќе може да ги совладуваат лекциите, но и да ги користат дигиталните алатки за стекнување на знаење и истражување. Ова апсолутно не значи дека со ваквиот пристап тие се принудени повеќе да бидат пред компјутер туку напротив, да поминуваат малку и поквалитетно време со уредите кои ќе ги користат за учење, а повеќе и подобро поминато време на училиште.

-Во ред е дигитализација, но мора паралелно да има и печатени книги, децата ќе изгубат контакт со книгите.

Реформата се воведува етапно. За учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос на детето кон книгата. За учениците од четврто и погорните одделенија, прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ-технологија и на електронски алатки.

Лектирите секако остануваат во печатена форма, а секојдневно на училиште децата ќе учат и пишуваат од печатени наставни материјали и воопшто нема да изгубат контакт со книгите. Овој комбиниран пристап практично ќе им овозможи на децата да имаат достапни материјали во дигитален формат, како и да ги користат секаде и во секое време. Оваа модернизација на образованието воопшто не значи укинување на книгите, децата ќе развијат однос со книгата во пониските одделенија, преку лектирите и на училиште. Дополнително, ќе може да научат и да го користат интернетот и дигиталните алатки за учење и истражување, не само за играње игри и социјални мрежи.       

-Децата мора да вратат во клупите и со книгите, ова со дигитализацијата и онлајн учењето е многу лошо.

Апсолутно најдобар начин за учење е во училишните клупи и дигитализацијата воопшто нема за цел да го замени учењето на училиште со онлајн учење. Напротив, МОН се залага за што поскоро враќање на децата во училиште, штом епидемиолошката состојба тоа ќе го дозволи. Целосна манипулација е дека дигиталните учебници се воведуваат за намерно да се продолжи со онлајн наставата. Учениците ќе се вратат во клупите каде им е местото. Реформата е така структурирана да се спроведува во училиштата, со поголем фонд на часови, повеќе интересни воннаставни активности и поквалитетно поминато време на училиште.

- Децата нема да памтат и потешко ќе учат од дигиталнитe книги. Постојат истражувања кои го докажуваат тоа, полесно се чита од печатен материјал.

Децата пред се ќе учат на училиште, во директна комуникација со наставниците, учебниците ќе ги користат за брзо пребарување, потсетување и достапност на материјалот во соодветен формат како презентации и други мултимедијални содржини. Покрај ова, учениците ќе продолжат да користат печатени материјали на часовите, да пишуваат и да учат од напишаното.

-Учениците од семејства во социјален ризик се доведуваат во нерамноправна положба, затоа што ќе немаат ИТ уреди на кои ќе бидат внесени дигиталните учебници.

За учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. Ова го утврдува новиот закон за учебници, којшто е во собраниска процедура.

Министерството за образование и наука ги повикува граѓаните, со цел да добијат точни и проверени информации за претстојната реформа на основното образование, да се информираат и детално да ги следат одговорите на прашањата што тоа ги пласира.

[ понеделник, 26 април 2021 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar