Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска: Низ проекти и интеракција учениците ќе научат да решаваат проблеми

Царовска: Низ проекти и интеракција учениците ќе научат да решаваат проблеми

 

Царовска: Низ проекти и интеракција учениците ќе научат да решаваат проблеми

 

Новата Концепција за основно образование стартува од есен во прво и четврто одделение, а до подобар образовен систем на сите нивоа можеме да стигнеме само ако направиме исчекор од комфорната зона, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во Утринската програма на Националната радиотелевизија.

„Новиот концепт на учење ќе ги менува наставниците, но ќе го менува и пристапот на учениците. Најважно е дека конечно во фокус го ставиме ученикот. Зошто? Досега сите други параметри ни беа значајни, но не што бара ученикот. Погледнете како едно дете од прво, второ, трето одделение се справува со сите дигитални алатки коишто му се понудени. Децата немаа проблем за онлајн учење, тие живеат во уште подинамичен свет од тоа што сме живееле ние. Многу се изложени на информации, но ние не ги учиме да ги селектрираат и на тој начин ние не ги подготвуваме за светот во којшто тие ќе треба да се справуваат со предизвици. Денеска се заштитени од наставникот, од родителите, но за некои пет до десет години ќе излезат во свет којшто е многу суров, којшто нуди многу лажни информации, коишто тие треба да препознаат. Тие не се научени да решаваат проблеми, ниту да ги препознаваат, затоа што имаме конзервативен, односно застарен модел на учење. Сега ќе се обидеме низ проекти, активности, интеракција со наставникот, тие постојано да бараат решенија за се она што учат. Дополнително, сите предмети ќе бидат поврзани, македонски јазик, математика, природни науки, општество, една тема ќе се обидеме низ сите предмети да се протнува, за да можат учениците да го разберат контекстот во кој што нештото се случува, зошто се случува и да размислуваат кое е можното решение. Ако вие тоа го читате само од книга, тогаш вие тоа напамет го научувате. Мора да истражувате, да пребарувате, треба да знате кои сајтови се соодветни за пребарување, за да понатаму стекнете одредени знаења и вештини да се справувате со светот. Основното образование треба да ги научи децата да учат, потоа во средно тие стекнуваат вештини“, објасни министерката Царовска.

Наставниците не треба да се грижат дека некој ќе остане без работа. Сите ни требаат, а новиот закон предвидува дека ќе се плаќаат повеќе ако работат повеќе. Нивниот статус е на неопределено време, за да се чувствуваат безбедни на работното место, дека никој не може да ги промени кога сака или да ги третира како подобни и неподобни. Дополнително, нема да се смета колку наставни часови имаат туку колку часа се во училиште, за да добијат учениците освен задолжителни и воннаставни и изборни предмети. Проактивните наставници ќе можат да заработат повеќе, посочи министерката Царовска.

Летниот период ќе биде искористен за обука на наставниот кадар во прво и во четврто одделение. „Во моментов програмите се во изработка, за прво одделение многу скоро треба да излезе, четврто за околу три недели, потоа се подготвуваат модули за обука на наставниот кадар. Обуката за обучувачи ќе биде на крајот на април, во мај прв модул, во јуни втор модул и во август трето видување за конечни инструкции и влегуваме во настава. Нема да биде совршено, но ќе учиме од секој нов ден. Важен е ентузијазмот на наставниците, нивната посветеност, затоа што тие стануваат дел од нешто што може да биде национална гордост. Ако имате силен, современ образовен систем, тогаш нема од што да се плашите како држава“, рече Царовска.

Министерката нагласи дека меѓународните организации постојано ни укажуваат дека за околу 50 години од денес ќе имаме работни места коишто денес половината не можеме да ги предвидиме.

„Значи, ќе работиме нешто што денес не можеме да го замислиме. И ние за тоа треба да ги спремиме нашите ученици денеска. Тоа е голем предизвик за секоја држава, посебно за нашата држава кадешто имаме мал број на население и треба да се трудиме да го извлечеме максимумот од сите деца коишто сега се во образовен систем“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска. 

[ вторник, 06 април 2021 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar