Врз основа на член 24-б ставови (3) и (4) од Закон за средното образование („Службен весник на Република Македонија“бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/199, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08, 92/208, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 42/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16, 67/17 и 64/18) и („Службен весник на Република Северна Македонија“бр.229/2020), Министерството за образование и наука објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот од средното образование
1. Услов за учество
На Јавниот повик за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки може да се пријават:
- ученици - државјани на Република Северна Македонија, запишани во средно училиште на територијата на Република Северна Македонија, и
- наставник - државјанин на Република Северна Македонија, вработен во средно училиште на територијата на Република Северна Македонија, кој го подготвувал ученикот за натпреварот,
а кои освоиле прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, одржан во учебната 2020/2021 година.
Под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави и притоа се споредуваат знаењата помеѓу учениците од различните држави и се рангираат нивните постигнувања.
Министерството за образование и наука доделува парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки. Доколку на меѓународниот натпревар има повеќе ученици кои освоиле прво, второ или трето место, односно има повеќе ученици кои освоиле златен, сребрен или бронзен медал, се доделува парична награда само на оние ученици кои се рангирани на прво, второ или трето место, односно за првите три ученици кои имаат освоено најмногу бодови, согласно ранг листата од меѓународниот натпревар. Доколку на ранг листата има двајца или повеќе ученици кои освоиле прво, второ или трето место и се со ист број на бодови, Министерството ќе додели парична награда за сите ученици со ист број на бодови.
2. Начин и рок на пријавување
Ученикот, заедно со наставникот кој го подготвувал за натпреварот, треба да достави Пријава со која во прилог ги доставува и следните документи:
- Уверение за државјанство за ученикот во оригинал или копија заверена на нотар,
- Уверение за државјанство за наставникот во оригинал или копија заверена на нотар,
- Потврда дека е запишан како редовен ученик во средно училиште во учебната 2019/2020 година,
- Потврда за наставникот дека е вработен во средно училиште,
- Фотокопија од диплома, пофалница, односно сертификат за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки одржан во учебната 2020/2021 година, за ученикот и наставникот,
- Трансакциска сметка на ученикот и на наставникот,
- Доказ со кој ќе се потврди дека натпреварот е меѓународен од областа на математиката и природните науки и на кој учествувале ученици од најмалку десет различни држави,
- Изјава потпишана од родител/старател за согласноста за обработка на личните податоци на ученикот и
- Изјава потпишана од наставникот за согласноста за обработка на личните податоци.
Доколку наставникот кој го подготвувал ученикот заради неприсутво на натпреварот нема диплома, пофалница, односно сертификат за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, како доказ се сметаат изјавите од алинеите 8, 9 и 10 од оваа точка).
Повикот е отворен и пријавите може да се доставуваат преку пошта на следната адреса: ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје, со назнака „За Јавен повик за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот од средното образование“, најдоцна до 31.08.2021 година.
3. Доделување на награди
Министерството за образование и наука ќе додели поединечно парична награда во износ од 50% од просечната нето плата исплатена по работник во Република Северна Македонија во последниот месец пред доделувањето за освоено прво место, 40% за освоено второ место и 30% за освоено трето место.
Ненавремените и некомплетните пријави нема да се разгледуваат од страна на Министерството за образование и наука. Министерството за образование не доделува парична награда за освоени први, втори или трети места на натпреварот по математика „Кенгур” кој се организира од страна на Сојузот на Математичарите на Република Македонија кој е дел од Меѓународната асоцијација „Kangourou sans Frontieres”, бидејќи истиот не се смета за меѓународен натпревар.
Во Повелбата на оваа асоцијација, е наведено дека се организира таканаречената „Игри без граница“, за да се промовира основната математичка култура преку организирање на годишни натпреварувачки игри по математика, чија цел е да стимулираат и мотивираат што поголем број на ученици да размислуваат во насока на завземање учество на други активности, натпревари и олимпијади по математика.
Во истата повелба покрај останатото е наведено дека оваа игра е со цел да привлече максимален број на ученици без притоа да има каква било национална селекција на учесниците, ниту пак да се споредуваат знаењата помеѓу државите.
Исто така, Министерството за образование и наука не доделува парична награда за освоени први, втори или трети места на меѓународните натпревари кои се организираат преку on-line аплицирање и меѓународните натпревари кои се однесуваат на проекти.