На денешната седница Владата го усвои Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство. Извештајот се однесува за разгледаните барања во период од 2.09.2020 година до 14.09.2020 година, со што 169 училишта добиваат согласност за настава со физичко присуство. Министерството за образование и наука ја информира јавноста дека станува збор за подрачни основни и средни училишта коишто имаат мал број на ученици.
Од овие училишта 6 се државни и се за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. Услови за започнување на настава со физичко присуство не исполнуваат 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.
Според извештајот, за организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта од кои 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава добиваат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија).
Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести, која, по укажувањата на Министерството за образование и наука (МОН) за потешкотиите со кои се соочуваат децата со посебни образовни потреби во следење на онлајн настава, одобри наставата со физичко присуство на овие деца да се реализира со мал број на деца во различни смени, со целосно почитување на Протоколите дадени од МОН, а училиштата кои имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици, при што во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.
На денешната седница е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести во врска со отворањето на студентските и средношколските ученички домови според која тие треба да бидат отворени со почитување на Протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.
На предлог на Министерството за образование и наука, Владата до Собранието ќе достави Предлог - закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог - закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.
Со измените содржани во овие предлог закони, се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија.
Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.
Се оценува дека заради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.