За обезбедување континуитет на воспитно - образовниот процес на учениците кои се на болничко лекување повеќе од три недели, Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство и НВО САНО од септември 2025 година воведува формално образование во здравствените установи.
Согласно направените измена на правната регулатива, зависно од здравствената состојба учениците можат да се вклучат онлајн на наставата во својот клас, да се организира индивидуална настава по прилагодена наставна програма или пак, преку асинхрона комуникација да добиваат материјали и да ги решаваат домашните задачи. Надлежни за спроведување на оваа системска мерка се основните училишта каде се запишани учениците кои се на болничко лекување.
Наставникот и ученикот ги користат вообичаените дигитални алатки што се користат во редовниот образовен процес, како на пример платформата ЕДУИНО и платформата за дигитални интерактивни учебници. Училиштето каде е запишан ученикот може да му додели електронски уред, од фондот на таблет компјутери со кои располага, доколку е тоа потребно.
Ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува. Болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Напротив – болеста е предизвик, а ние, како општество, им должиме поддршка, структура и надеж. Со инвестирање во нивното знаење, инвестираме во една поправедна, поемпатична и посилна иднина!