За десет месеци подрачниот објект на основното училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче во општина Аеродром ќе добие нова спортска сала. Претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот Дејан Митески денеска го означија почетокот на изградбата на новиот спортски објект, кој ќе биде со површина од 650 квадратни метри и целосно опремен за реализација на повеќе спортови.
Станува збор за инвестиција за која од буџетот на министерството ќе бидат одвоени 32 милиони денари. Изведувач на градежните активности е компанијата Гранит. Освен за часовите по предметот физичко образование, спортската сала ќе може да се користи и за рекреативни цели по завршување на наставата.
Ова е една од 30те инфраструктурни инвестиции кои во моментов ги реализира Министерството за образование и наука чија вкупна вредност е околу 2 милијарди денари. Се градат и други три училишни спортски сали, како и 7 нови училишта, додека 20тина училишни објекти се реконструираат. Во тек е и темелна реконструкција на два студентски дома во Скопје.