Да ја замениме рамнодушноста кон јазикот што го употребуваме приватно и професионално, со страст за говорење и пишување на македонски литературен јазик. Македонскиот јазик е заштитен со закон како нематеријално културно наследство, но, наше задоволство а не должност треба да биде неговата правилна употреба и унапредување, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на Свечената академија во МАНУ по повод 80 години од стандардизацијата на македонски јазик, организирана од претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова.
„Jазикот е душата, идентитетот и светогледот на еден народ. Симбол на индивидуалноста и уникатноста. Македонското милениумско траење е проткаено со борбите, верувањата и вредностите на Македонците. Секој нов век додавал победи и порази во македонскиот код, кој останал жив само затоа што бил пренесуван преку македонскиот јазик“, нагласи Јаневска.
Зацврстување на позицијата на македонскиот јазик на глобално ниво е меѓу приоритетите на Владата. Во оваа насока е заложбата за обнова и проширување на мрежата на лекторати каде македонисти од цел свет имаат можност да го учат јазикот, но и да ја запознаат нашата древна култура и традиции, а со тоа да влијаат врз афирмирањето на нашата држава.
Јаневска кажа дека Министерството за образование и наука континуирано го поттикнува интересот на студентите за академско изучување на македонскиот јазик и книжевност и за оваа цел доделува стипендии за студиските програми по македонистика. Се организираат и конкурси за творби напишани на македонски литературен јазик, а најдобрите се наградуваат.
„Добар образовен систем треба да овозможи препознавање на уникатноста на мајчиниот јазик, да обезбеди негова промоција во училиштата, развивање на свеста за неговото значење и употреба на стандардниот литературен јазик на работните места и во заедницата. Во таа насока, потенцирам дека темелната реформа на националниот образовен систем, го опфаќа и изучувањето на македонскиот јазик. Новите наставни програми и врз нивна основа новите учебници, на многу подостапен и посликовит начин го приближуваат македонскиот јазик до учениците, поттикнуваат љубов кон него и развиваат желба за подобро изучување и примена на македонскиот литературен јазик во секојдневниот живот“ рече министерката за образование и наука.
Јаневска укажа и на плодната соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во реализација на иницијативите за зачувување на трудот и делата на плејада дејци кои се вградиле во издигнувањето на македонскиот јазик во светска вредност.
За Македонецот, нагласи министерката, македонскиот јазик се првите звуци и вибрации кои ги прима уште во утробата на мајката. Јазикот се чувствува во срцето и телото целиот живот и како што рече, не верува дека постои некој што би се откажал од негово зборување и пишување, бидејќи тоа значи откажување од „Разбој“ на Владо Малески, откажување од “Македонија„ и „Вардар“ на Анте Поповски, од делата на Блаже Коневски, на Ацо Шопов, Атанас Вангелов, Рајко Жинзифов, Кочо Рацин и многу други кои учествувале во развојот и чувањето на нашето најсилно идентитетско обележје.