Врз основа на член 24-б ставови (1) и (4) од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/199, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08, 92/208, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 42/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16, 67/17 и 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“бр. 229/20), Министерството за образование и наука објавува:
ЈАВЕН ПОВИК
за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот од средното образование во учебната 2024/2025 година
1. Услови за учество
На Јавниот повик за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, може да се пријават:
-ученик - државјанин на Република Северна Македонија, запишан во средно училиште на територијата на Република Северна Македонија и
-наставник - државјанин на Република Северна Македонија, вработен во средно училиште на територијата на Република Северна Македонија, кој го подготвувал ученикот за натпреварот,
кои освоиле прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, одржан во учебната 2024/2025 година.
Под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави и се врши рангирање на најдобрите ученици од сите земји кои учествуваат.
2. Начин и рок на пријавување
Ученикот заедно со наставникот кој го подготвувал за меѓународниот натпревар, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на: http://e-uslugi.mon.gov.mk најдоцна до 30.09.2025 година.
Потребните документи се следните:
-Потврда за редовен ученик во средно училиште во учебната 2024/2025 година,
-Потврда за наставникот дека е вработен во средно училиште;
-Фотокопија од диплома, пофалница, односно сертификат за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки одржан во учебната 2024/2025 година, за ученикот и наставникот,
-Трансакциска сметка на ученикот и на наставникот,
-Доказ со кој ќе се потврди дека натпреварот е меѓународен од областа на математиката и природните науки на кој учествувале ученици од најмалку десет различни држави,
-Конечна ранг листа со постигнатите резултати од организаторот на меѓународниот натпревар;
-Изјава потпишана од родител/старател за согласност за обработка на личните податоци на ученикот и
-Изјава потпишана од наставникот за согласност за обработка на личните податоци.
Доколку наставникот кој го подготвувал ученикот заради неприсуство на натпреварот нема диплома, пофалница, односно сертификат за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, како доказ се сметаат изјавите од алинеите 7, 8 и 9 од оваа точка.
3. Доделување на награди
Министерството за образование и наука ќе им додели поединечна парична награда на ученикот и наставникот во износ од 50% од просечната нето плата исплатена по работник во Република Северна Македонија во последниот месец пред доделувањето за освоено прво место, 40% за освоено второ место и 30% за освоено трето место.
Доделувањето на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот од средното образование за учебната 2024/2025 година, ја исклучува можноста за доделување на парична награда за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13 меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad) во средното образование за учебната 2024/2025 година, доколку двете пријави се однесуваат за освоена иста меѓународна награда.
Министерството за образование не доделува парична награда за освоено прво, второ или трето место на натпреварот по математика „Кенгур” кој е дел од Меѓународната асоцијација „Kangourou sans Frontieres”, бидејќи истиот не се смета за меѓународен натпревар.
Министерството за образование и наука не доделува парична награда за освоенo прво, второ или трето место на меѓународните натпревари кои се организирани преку on-line платформа, доколку наградата претставува дел од проект и доколку наградата е освоена како резултат на тимски натпревар.
Ненавремените и некомплетните електронски пријави нема да се разгледуваат од страна на Министерството за образование и наука.
Кандидатите доставуваат електронска пријава на порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk најдоцна до 30.09.2025 година.