Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Конкурс за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година

Конкурс за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година

 

Врз основа на член 54 став 1 од Законот за ученичкиот стандард („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14, 146/15, 30/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/20 и 302/20), Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.180/24), и Решението за распишување Конкурс за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година бр. 19-10130/1 од 27.09.2024 година, министерството за образование и наука распишува

КОНКУРС

 

за доделување 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година

 

Министерството за образование и наука за учебната 2024/2025 година ќе додели 50 (педесет) стипендии за талентирани ученици од средното образование од областа на уметностите од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.

 

 I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА

Право на стипендија имаат учениците кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија, а ги исполнуваат следните услови:

 

1. Да се редовни ученици во средно училиште, кои во текот на претходната учебна година освоиле награда-диплома за поединечно/групно освоено I, II или III место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на уметноста;

2. Да имаат постигнат континуиран одличен успех во досегашното образование;

3. Да не повторувале година во текот на образованието;

4. Да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;

5. Да се државјани на Република Северна Македонија.

 

Критериум за доделување на стипендиите се освоена поединечна/групна награда/диплома на меѓународни или државни натпревари.

 

За критериумот освоена награда и диплома во поединечна/групна категорија на меѓународни или државни натпревари за ученици од I, II, III и IV година, за освоено I (прво), II (второ) или III (трето) место/награда на меѓународен или државен натпревар по предмет односно струка (област) што ученикот ги изучувал согласно наставниот план и соодветните наставни програми, максималните бодови се утврдуваат на следниот начин и тоа:

 

I (прво) освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар се вреднува со 10 бодови,

II (второ) освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар се вреднува со 8 бодови,

III (трето) освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар се вреднува со 6 бодови,

 

 I (прво) освоено место на  државен натпревар со 9 бодови,

 I (прва) освоена награда на државен натпревар со 8 бодови,

 

II (второ) освоено место на  државен натпревар со 7 бодови,

II (втора) освоена награда на државен натпревар со 6 бодови,

 

III (трето) освоено место на  државен натпревар со 5 бодови,

III (трета) освоена награда на државен натпревар со 4 бодови.

 

Секое освоено место/награда/медал во поединечна категорија на меѓународни натпревари, се вреднува со дополнителни 2 бода, секое освоено место во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителни 2 бода, а секоја награда во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителен 1 бод.

 

Секое освоено место/награда/медал во групна/екипна категорија на меѓународни натпревари, се вреднува со дополнителен 1 бод, секое освоено место во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителен 1 бод, а секоја награда во поединечна категорија на државни натпревари со дополнителен 0.5 бод.

 

На пример, ученикотoт кој освоил прво место на државен натпревар, трето место на меѓународен натпревар и втора награда на државен натпревар, се стекнува со 23,5 бодови (9 бодови за освоено прво место на државен натпревар + 6 бодови за освоено трето место на меѓународен натпревар + 6 бодови за освоена втора награда на државен натпревар). Дополнително ученикот се здобива со  + 2,5 бодови (1 за освоено место на државен натпревар, 1 за освоено место/награда/медал на меѓународен натпревар и 0.5 за освоена награда на државен натпревар).

 

Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место, односно награди-дипломи и пофалници за учество на натпревари без освоено место, наградите-дипломите кои се освоени пред последната учебна година нема да се земат во предвид.

 

За  место/награда освоени на државно ниво ќе се признаваат само награди доделени од акредитирани здруженија на наставници од страна на Министерството за образование и наука кои организираат натпревари на ученици.

 

Под меѓународен натпревар се подразбира меѓусебен натпревар меѓу ученици од најмалку десет различни држави.

 

II. НАЧИН И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ

Учениците кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, од 01.10.2024 до 15.10.2024 година.

 

Потребните документи за доставување се следните:

1.     Потврда дека кандидатот е редовен ученик во учебната 2024/2025 година;

2.    Свидетелства за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение); (Да се прикачат скенирани оригинални свидетелства)

3.    Дипломи за освоени награди/места на државни и/или меѓународни натпревари; (Да се прикачат скенирани оригинални награди/дипломи)

4.     Доказ за меѓународниот карактер на натпреварот (кој ќе докажува дека освоената награда/место е од меѓусебен натпревар меѓу ученици од најмалку десет различни држави).

5.    Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија, објавена во прилог на Конкурсот;

6.    Изјава потпишана од родител-старател дека доставените документи се вистинити, објавена во прилог на Конкурсот;

7.    Изјава за користење на лични податоци потпишана со цело име и презиме од родител-старател, објавена во прилог на Конкурсот;

8.    Трансакциска сметка на име на ученикот;

 

Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Правилникот за образецот на барањето за сместување во ученички дом и образецот на барањето за доделување стипендија, со потребната документација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр 189/16 и 41/17), ќе го обезбеди следниот документ:

-Уверение за државјанство на Република Северна Македонија од Министерството за внатрешни работи.

 

Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е некомплетна и доколку не е доставена преку http://e-uslugi.mon.gov.mk.

 

Доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година и освоени награди во струката за која се школува ученикот.

 

Списокот со избраните кандидати ќе биде објавен на http://e-uslugi.mon.gov.mk во делот „Новости“ најдоцна до 21.11.2024 година, а сите кандидати ќе добијат решенија во врска со статусот на поднесените апликации на своите електронски профили на http://e-uslugi.mon.gov.mk . 

III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА

Висината на стипендијата ќе изнесува 3.500,00 денари месечно и ќе се исплатува во траење од девет (9) месеци за времетраењето на учебната 2024/2025 година.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar