Томшиќ од МОН: Четири факултети и уште 10 основни и средни училишта ќе добијат целосна пристапност за лица со попреченост, системски работиме на целосно инклузивно образование

 

Томшиќ од МОН: Четири факултети и уште 10 основни и средни училишта ќе добијат целосна пристапност за лица со попреченост, системски работиме на целосно инклузивно образование

 

 

Mинистерството за образование и наука посветено работи на обезбедување инклузивно образование. Образовните институции треба да бидат целосно пристапни и достапни и затоа, денеска на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост  кој се одбележува преку пораката „Лидерство и учество на лицата со попреченост, кон инклузивен, пристапен и одржлив пост Ковид-19 свет“,  го започнуваме  проектот „ЕУ за вклучување“ којшто се реализира преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 и преку кој ќе се обезбеди целосна вертикална и хоризонтална пристапност на 14 образовни институции – 6 основни, 4 средни и 4 високо образовни установи.

 

Токму денес се одржа координативна средба со Архитектонскиот факултет, Градежниот факултет, Економскиот факултет, Правниот факултет, Филозофскиот и Филолошкиот факултет со што се означи договорот за започнувањето на градежните активности во текот на овој зимски семестар и се истакна важноста од обезбедувањето на пристапноста на високообразовните установи во државата, вклучени во  Проектот за непречен пристап кон образовни институции. Очекуваме веднаш на почетокот на  2022 да почнат адаптационите зафати, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, на состанокот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, што денеска се одржа во Владата на Република Северна Македонија.

Освен четирите објекти на наведените факултети, со Проектот целосна пристапност ќе се обезбеди и  во основните училишта Лазо Ангеловски (о. Аеродром), Кузман Јосифовски Питу (о. Кисела Вода),  Братство и Единство (о. Дебар), Лириа (о. Тетово), Браќа Миладиновци, Крсте Мисирков и Бајрам Шабани (о.Куманово), како и средните училишта Наум Охридски (о.Охрид), Гоце Стојчевски (о.Тетово), Наце Буѓони (о. Куманово), Раде Јовчевски – Корчагин (о.Центар) и Младинскиот културен центар во Скопје.