Министерство за образование и наука

  / Банери / Реформа на основното образование

Реформа на основното образование

 

Владата понуди транспарентен план за реформа на базата на националниот образовен систем и отвори можност за учество на сите засегнати и заинтересирани во дефинирањето на новиот образовен модел. Се постигна широка согласност дека промените се неопходни.

 

Планот за реформа е изготвен врз основа на анализи од кредибилни институции и организации како ОЕЦД, УНИЦЕФ и Светска Банка, анализа на резултатите од постигањата на македонските ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС, а промените се и резултат на долгогодишни барања на наставниците и многу генерации на ученици.  Планот предвиде делување во три насоки:

 

·        унапредување на квалитетот на наставата преку изработка на нова Концепција за основно образование (линк) и нови наставни програми и материјали за учење (линк)

 

Концепцијата подразбира нов образовен модел на едукација преку кој секое дете ќе може да го достигне својот полн потенцијал. Во новиот модел нема кратење на научни дисциплини и содржини и нагласено е интегрираното изучување на предметите (разгледување на една тема/појава од повеќе аспекти, преку повеќе предмети).

 

Новите наставни програми се изработени врз основа на усвоени Национални стандарди за постигањата на учениците на крајот на основното образование (линк) и истите обезбедуваат целосната автономија на наставниците за прилагодување на наставата кон поединци и групи што ќе овозможи остварување на очекуваните резултати од секој ученик. Фактографското учење се заменува со учење со разбирање. Формативното оценување добива предност наспроти сумативното, што значи секојдневно ќе се следи и евидентира напредокот на учениците. Учениците уште од најрана возраст се воведуваат во граѓански вредности поврзани со родовата еднаквост, инклузивноста, мултикултурализмот, грижа за животната средина и слично. Тие ќе стекнуваат компетенции во неколку области кои современиот свет ги нотира како најважни. Училиштето ќе нуди бесплатни воннаставни активности поврзани со интересите на ученици, така што тие со задоволство ќе поминуваат подолго време во училиште.

 

Предвидено е преку нов Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали (линк до верзија доставена во собраниска процедура) да се постават повеќе филтри во постапката за изработка на материјалите за учење, со што ќе се елиминираат грешките и нелогичностите кои сега постојат и истите ќе се пишуваат со авторски јазик разбирлив и соодветен на возраста на учениците. По секој предмет ќе се обезбедат повеќе извори на информации, односно ќе се користат најмногу три учебници. Материјалите за учење се дигитализираат (хартиени учебници само за учениците од прво до трето, додека за учениците од четврто и погорните одделенија прва опција се дигиталните учебници), што подразбира обезбедување повеќе интерактивност, покреативна настава, инклузивност (учебниците стануваат достапни и во аудио формат и напишани на Брајово писмо за ученици со оштетен вид), како и намалување на трошоци и реалокација на средства за други образовни намени. Лектирите остануваат во печатена форма.

 

МОН континуирано одговара на најчестите дилеми (линк) кои се појавуваат во јавноста во врска со дигитализацијата на материјалите за учење. 

 

 

·          влог во наставниот кадар преку континуирана обука и стимулација на мотивираноста за работа.

 

Направени се измени на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта (линк до верзија доставена во собраниска процедура) со кои се обезбедува правна и економска сигурност за персоналот во училиштата. Отсега ќе им само директно вработување на неопределено време, наместо како досега да се врши трансформација по 2 години поминати на работното место. На оние, на кои во моментов не им е трансформиран работниот однос, со стапување на законот во сила, ќе им се доделат решенија на неопределено доколку ги исполнуваат законските услови. Со секое зголемување на минималната плата, ќе расте и платата на наставниците и стручните соработници. Кон платата се додаваат и додатоци кои досега не беа законски регулирани – за работа во ридско планински регион, за одделенско, односно класно раководство, за работа со комбинирана паралелка и слично. Законот обезбедува континуиран професионален и кариерен напредок.

 

·         Вложувања во образовната инфраструктура и опременоста на училиштата

 

Буџетот на МОН за оваа намена постојано ќе расте. Во 2021 година се обезбедени околу 1 милијарда денари за капитални инвестиции – што е за два и пол пати повеќе во споредба со минатата година. Истовремено, ќе се набавува ИТ опрема, а воедно и ќе се опремуваат и кабинети за реализација на часовите по природни науки.

 

Проект за унапредување на основното образование – со поддршка на Светска банка (линк)

 

Како поддршка на промените во основното образование креиран е Проект за унапредување на основното образование во вредност од 21,5 милиони евра, кој ќе биде финансиран од страна на Светска банка и истиот ќе обезбеди побрза и поголема достапност на средства за училиштата, повеќе инвестиции во училишните услови, полесно справување со предизвиците од пандемијата и генерално подигнување на конкурентноста на образовниот систем.

 

Проектот предвидува големи инвестиции во образованието, а ќе се реализира во следните 5 години (до 2026 година) од страна на Министерството за образование и наука, а во директна соработка со Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат, општините и основните училишта.

 

Проектот за унапредување на основното образование има четири основни компоненти, или насоки во кои ќе се делува:

 

Првата е подобрување на учењето во училиштата преку вложување во постојните објекти, опремување на кабинети - приоритетно е предвидено опремување на кабинети по природни науки. Понатаму, набавка на ИТ опрема, нагледни и наставни помагала. Набавка на училишна опрема – клупи, столчиња, табли, збогатување на библиотечните ресурси и слично. А во рамки на оваа компонента ќе се доделуваат и грантови за развојни планови и за туторство и менторство на ученици, особено од ранливите категории и подобрување на присуството во училиштето сега за време и после завршувањето на пандемијата.

 

Втората компонента на проектот е насочена кон развој и спроведување на систем на државно тестирање преку кој ќе се следи напредокот на основците, а особено ќе се проверува степенот на јазична и математичка писменост, кои се мерат на меѓународните тестирања како ПИСА, каде долго време имаме низок ранг. Овој систем на проверка на знаењето на учениците воопшто нема да влијае на нивните оценки, ниту пак ќе има било какви реперкусии врз работата на наставниците, туку едноставно резултатите ќе помагаат само во креирањето на идните образовни политики.

Преку оваа компонента особено ќе се зајакнат капацитетите и улогата на Државниот испитен центар како институција која ќе заземе важно место во процесот на креирање на образовни политики врз база на анализи и факти.

 

Третата компонента на проектот, или фокус ќе биде подобрувањето на компетенциите на училишниот кадар, преку имплементација на професионални стандарди и модернизација на програмите за професионален развој. Ќе следуваат повеќе и посовремени обуки за постојните наставници и стручните соработници поврзани со различни теми, а ќе се менторираат и кандидатите за наставници и стручни соработници кои во иднина ќе се вработуваат во училиштата.

 

Четвртата компонента е модифицирање на моделот за распределба на средствата за финансирање на работата на училиштата, од кои во голема мера зависи нивната функционалност и квалитет на работа.

 

 

 

Банери

Back to top
Close Offcanvas Sidebar