Министерството за образование и наука со нова услуга продолжува со дигитализацијата. Во постапката за аплицирање за парична награда за освоени медали на меѓународни научни олимпијади и на награди и медали на меѓународни натпревари од областа на математиката, информатиката и природните науки, веќе нема да се доставуваат хартиени документи во Министерството, туку електронска Пријава преку http://e-uslugi.mon.gov.mk.
Министерството за образование и наука објави јавен повик за доделување на парична награда за освоена прва, втора или трета награда или златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки, одржани во учебната 2024/2025 година. Можност да аплицираат имаат учениците, наставниците кои им го предавале предметот од овие области, како и на менторите кои ги подготвувале учениците за натпреварот. Јавниот повик за основно образование може да се најде на следниот линк. Додека, јавниот повик за средно образование е објавен тука.
Исто така, објавен е и Јавен повик за доделување на парична награда за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13 меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad), на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за олимпијадата во учебната 2024/2025 година. Повикот е на следниот линк.
Министерството за образование и наука работи на забрзана дигитализација на образовната сфера. Дел од образовните услуги се целосно дигитализирани. Истовремено ги унапредуваме политиките за поддршка на талентираните ученици, за да ги поттикнеме да постигнуваат уште подобри резултати.