Како Влада посветени сме кон поддршка на компаниите, што им е најпотребна на стартапите, на малите и на средните претпријатија, за да станат поконкурентни и да се изградат како сериозни играчи на глобалниот пазар. ИНОФЕИТ ЕДИХ е токму тоа – центар што ќе им помогне во дигиталната трансформација, поттикнувајќи на иновации, зголемена продуктивност, полесно справување со предизвици, пристап до ЕУ финансирање, што значи ќе им отвори нови хоризонти за работа и надградување. При тоа, до овој иновациски хаб можат да се обратат и институции од јавниот сектор за да обезбедат поефикасна и потранспарентна испорака на услуги кон граѓаните.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска, на отворањето на ИНОФЕИТ ЕДИХ - првиот Европски дигитален иновациски хаб во Македонија.
Министерството за образование и наука го препознава значењето на ИНОФЕИТ ЕДИХ, којшто истовремено е дел и од Реформската агенда 2024-2027 и ќе продолжи да ја поддржува неговата работа. Честитајќи им на упорноста и ангажманот на професорите Димитар Ташковски и Владимир Атанасовски, да го направат функционален овој центар, министерката Јаневска кажа дека очекува македонскиот хаб многу скоро да се најде на листата наградени од ЕДИХ европската мрежа, што ќе значи дека на квалитетен начин ги реализира целите за кои е основан.
„ИНОФЕИТ ЕДИХ треба да ја олесни дигиталната трансформација на бизнис секторот од една страна и на јавниот сектор од друга страна. Овој хаб треба да биде нашата точка на контакт со Европа во делот на пренос на знаења, партнерства, можности за финансирање со цел поддршка на најпотенцијалните бизниси, идеи и истражувања, за да можат да се развијат и да бидат меѓународно конкурентни“, посочи министерката.
Компаниите можат да го користат хабот за да добијат неопходни информации, експертиза, инфраструктура и директна поддршка за да можат да ги реализираат своите иновативни бизнис идеи.