Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: Унапредувањето на стручното образование преку практична настава за зелени вештини ја подобрува вработливоста на учениците

Јаневска: Унапредувањето на стручното образование преку практична настава за зелени вештини ја подобрува вработливоста на учениците

 

Јаневска: Унапредувањето на стручното образование преку практична настава за зелени вештини ја подобрува вработливоста на учениците

 

Учениците од стручните училишта добиваат можности за практично учење со фокус врз јакнење на зелените вештини, преку партнерството склучено меѓу УНИЦЕФ и Групацијата НЕЛТ. На денешното официјализирање на соработката, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека потребата од прилагодување на образованието кон градење зелени вештини кај младите е се поизразена во услови на големи еколошки предизвици и раст на свесноста на компаниите за прашањата поврзани со заштитата на животната средина.

„Оваа иницијатива ќе им овозможи на учениците да стекнат драгоцено искуство и знаење, што ќе ги направи поконкурентни на пазарот на труд, а истовремено ќе придонесе за поодржлива иднина за сите нас. Ваквата соработка е многу важна и од еден друг аспект - компаниите ја покажуваат својата општествена одговорност кон локалните заедници и посветеноста кон еколошки практики. Истовремено дава поттик и други компании да го сторат истото“, посочи министерката Јаневска.

Локалната иницијатива е дел од глобалното партнерството а за Северна Македонија се издвоени 330.000 американски долари за период од три години.

„Средното стручно образование, посебно дуалното, е вистинското место каде треба да се реализира оваа иницијатива, во рамки на практичната обука, каде учениците стекнуваат вештини во услови на реално производство. Во компаниите што им обезбедуваат практична работа на учениците,  најефективно тие може да се обучат за нови зелени технологии и практики“, нагласи министерката Јаневска.

Планирано е да се обезбедат можности за практична настава и практикантство во јавни и приватни претпријатија ширум земјата за над 500 ученици од стручното образование, кои се подготвуваат за кариера во природните науки, еколошката одржливост и ублажувањето на климатските промени.

„Со зајакнување на рамката за практична настава, не само што ќе им помогнеме на учениците од стручното образование да изградат широко применливи зелени вештини, туку и ќе придонесеме кон развојот на работна сила која ќе биде оспособена да се справи со итните еколошки предизвици“, рече претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер.

Иницијативата ќе им помогне на учениците од стручните училишта да стекнат зелени вештини поврзани со еколошката одржливост, зачувувањето на природата и климатската акција, овозможувајќи им практично да го применат знаењето на идното работно место во разни области, од управување со отпад и производство на зелена енергија па сè до одржливи производствени процеси, енергетска ефикасност и циркуларна економија во градежништвото.

Дополнително, иницијативата ќе биде уште еден поттик за деветтооделенците да одберат средно стручно образование, коешто од година во година бележи раст на бројот на запишани ученици. Оваа учебна година, 2024/2025 година, дури две третини од учениците по завршувањето на основното образование одбраа средно стручно училиште.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar