Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Од утре аплицирање за субвенциониран студентски оброк за академската 2024-2025 година

Од утре аплицирање за субвенциониран студентски оброк за академската 2024-2025 година

 

Од утре аплицирање за субвенциониран студентски оброк за академската 2024-2025 година

 

 

Министерството за образование и наука информира дека од утре започнува аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2024-2025 година. Повикот со условите и начинот на аплицирање е објавен на следниот линк.

 

Рокот за пријавување за тековните и студентите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2024/2025 година е до 5.9.2024 година.

 

Аплицирањето се спроведува електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/,  а на повикот можат да се пријават сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Северна Македонија. Притоа, апликантите треба да ги исполнуваат и следните услови:


-да не се во редовен работен однос;

-да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и

-да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

 

При поднесувањето на апликацијата, студентите задолжително пополнети и потпишани ги прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци  во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк. МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите.

 

Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, може да се обрати до Секторот за ученички и студентски стандард преку следниот контакт: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk  или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството.

 

Финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Паричниот надомест не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 1 октомври.

За реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк, Министерството за образование и наука склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје. Оттаму, сите студенти кои ќе се стекнат со ова право, за што ќе бидат известени од страна на МОН по електронски пат, ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка.

 

Министерството за образование и наука информира дека можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк ќе биде отворена во периодот од 1ви до 5ти, секој нареден месец од академската 2024/2025 година и тоа за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во повикот.

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar