На предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Северна Македонија усвои измени на Законот за основното образование со кои се решава долгогодишен предизвик поврзан со обезбедување на редовен образовен процес за малолетниците во воспитно – поправните и казнено - поправните установи.
Новите измени на законот предвидуваат образовниот процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено поправните установи, наместо по експериментални програми како досега, да се спроведува по наставен план и наставни програми за основно образование на возрасни.
Учениците по формализацијата на образовниот процес ќе добиваат свидетелства за завршено образование, како и учениците во редовните основни училишта. За нивно вклучување во настава, доколку се под 16 годишна возраст, претходно се врши проверка на знаењето заради распределба во соодветно одделение на основното образование.
Наставата пак, ќе ја реализира училиште кое има верификација за образование за возрасни и реализира настава на мајчин јазик на ученикот во овие установи, односно тоа е основното општинско училиште за возрасни „Антон Семјонович Макаренко” – Скопје, а за реализирање на законските измени, првично ќе биде потребно да се вработат до најмногу 6 наставници. Бројот на наставници што ќе треба да се ангажираат во иднина ќе зависи од бројот на штитениците во воспитно – поправните и казнено – поправните установи и групите, односно паралелки кои би се формирале.
Законските измени кои ќе бидат проследени до Собранието, всушност овозможуваат системско решавање на предизвикот со образованието на малолетниците во воспитно – поправните и казнено поправните установи, со кое воедно и се реализираат дел од препораките во извештајот на Европската Унија за напредокот на земјата во делот на човекови права.