Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Шаќири: Вложуваме во науката и истражувањата, податоците од Европското општествено истражување се отворени за сите

Шаќири: Вложуваме во науката и истражувањата, податоците од Европското општествено истражување се отворени за сите

 

Шаќири: Вложуваме во науката и истражувањата, податоците од Европското општествено истражување се отворени за сите

 

Република Северна Македонија за прв пат учествува во Европското општествено истражување, едно од најголемите и методолошки најквалитетни истражувања во светот, во областа на општествените науки. Препознавајќи ја неговата релевантност, Министерството за образование и наука финансиски го поддржа. Министерот Јетон Шаќири, на денешната презентација на истражувачките резултати, го нагласи значењето на податоците како за истражувачите од општествените и хуманистичките наука но, и за  државните институции, медиумите и пошироката јавност.

„Европското општествено истражување над 20 години ги мери ставовите, уверувањата и обрасците на однесувањe на граѓаните во над 30 земји. Станува збор за анкетни податоци, кои се меѓународно споредливи и кои ги користат Европската комисија и националните влади при креирањето на јавни политики. Со отворен пристап, тие се бенефит и за поширокото општество“, рече министерот за образование и наука Шаќири, додавајќи дека вклучувањето во оваа европска истражувачка инфраструктура, придонесува за модернизација на нашата наука, градење на капацитети на истражувачите и нивна интеграција во Европскиот истражувачки простор.

Вложувањата во науката и истражувањата се еден од стратешките приоритети на Владата и на ресорното Министерство, затоа што се темел на економскиот развој и напредокот на општеството. Министерот појасни дека во тек се реформи и во истражувачкиот сектор, почнувајќи од ревизија на правната рамка, што опфаќа нов закон за научно-истражувачка дејност и носење и имплементација на Стратегијата за паметна специјализација. Растат и националните средства за истражувачка дејност и се интензивира и учеството во регионалните иницијативи и меѓународните програми за наука и истражување.

 

Посочувајќи дека станува збор за сериозни предизвици, министерот Шаќири наведе дека за успех во напорите за подигнување на научно-истражувачкото ниво, еден од предусловите е постоењето на академски снажен и добро подготвен кадар.

Истражувањето го спроведе Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, со теренска анкета на примерок од 1436 испитаници. Примерокот беше подготвен во соработка со Државниот завод за статистика, а ИТ поддршката ја обезбеди Факултетот за компјутерски науки и инженерство при УКИМ.

[ вторник, 14 март 2023 ] [ 0 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar