Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Алиу: Преку реформите на образованието создаваме поправедно и инклузивно општество, сите да застанеме на фронтот за искористување на потенцијалите на секое дете

Алиу: Преку реформите на образованието создаваме поправедно и инклузивно општество, сите да застанеме на фронтот за искористување на потенцијалите на секое дете

 

Алиу: Преку реформите на образованието создаваме поправедно и инклузивно општество, сите да застанеме на фронтот за искористување на потенцијалите на секое дете

 

Моќта на образованието системски да влијае на однесувањето на цели генерации и да создаде поправедно и инклузивно општество е во основа на крупните реформски процеси што ги презема Министерството за образование и наука. Промените во основното образование, новите наставни програми и материјалите за учење ги насочуваат учениците кон граѓански вредности поврзани со родовата еднаквост, мултикултурализам, толеранција и почитување на различностите. Учениците стекнуваат толеранција и емпатија за соучениците што изгледаат поинаку, мислат различно или се од друга национална или верска припадност. Новите наставни материјали не поддржуваат предрасуди и ги прикажуваат лицата од ранливите групи како рамноправни членови на општеството.

 

Ова го нагласи заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу на конференцијата органзирана од Институтот за човекови права, во рамките на проектот „Заштита од дискриминација, булинг и говор на омраза“, што е подржан од Германска амбасада во Скопје. Заменик министерот посочи дека овие негативни појави не се само изолирани инциденти туку се модел на однесување кој упорно се повторува и затоа е неопходно засилување на активностите на сите релевантни чинители, за нивно спречување.

 

„Како општество, битката против дискриминацијата, булингот и говорот на омраза треба да ја почнеме од кругот на семејството, каде детето ги стекнува основните регулаторни механизми на однесување и ги учи моралните вредности а потоа да продолжи преку системска едукација во предучилишните и училишните установи“, рече Алиу.

 

Министерството за образование и наука работи на создавање училишна клима во која сите ученици се чувствуваат прифатени и поддржани, за што во училиштето се реализираат програми за заштита од насилство и од дискриминација, за личен раст и развој, за помош и поддршка на ученици од социјално ранливи групи и се настојува на нивно максимално вклучување во училишниот живот. Во овие активности, покрај наставниците, значајна улога имаат и стручните соработници во училиштето.

Заменик министерот посочи дека и со Законот за основното образование, од 2019 година, е уредено дека вработените во основните училишта имаат должност да промовираат еднаквост меѓу сите ученици и активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство.

 

„Училиштата се должни во годишните програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација. Активностите ќе се остваруваат низ различни наставни и воннаставни активности и во нив се вклучени учениците, вработените, родителите, односно старателите на децата во соработка со општините, согласно утврдените потреби од страна на училишниот одбор, советот на општината или Педагошката служба. Законот му наложува на директорот на училиштето да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон“, укажа заменик министерот.

 

Заклучувајќи дека во изградбата на општество ослободено од дискриминација, врсничкото насилство и говор на омраза можеме да придонесеме сите, Алиу рече дека истражувањата на овие несакани појави ја подигнуваат свесноста за проблемот и се моќен аларм дека секој лично треба да застане на фронтот за искористување а не за уништување на потенцијалите на секое дете.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar