Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска на состанок со фокус група на наставници-ментори: Новите учебници се освежување во образовниот процес, учениците ќе ги засакаат предметите низ илустрации и активности

Царовска на состанок со фокус група на наставници-ментори: Новите учебници се освежување во образовниот процес, учениците ќе ги засакаат предметите низ илустрации и активности

 

Царовска на состанок со фокус група на наставници-ментори: Новите учебници се освежување во образовниот процес, учениците ќе ги засакаат предметите низ илустрации и активности

 

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска одржа состанок со фокус група на наставниците – ментори во врска со новите материјали за учење за прво одделение.

Царовска на состанокот се заблагодари на наставниците-ментори за одвоеното време да ги разгледаат новите материјали за учење и да го дадат својот придонес во нивната изработка.

„Овој процес не би бил целосен доколку материјалите за учење не поминеа низ филтер од наставниците-ментори и од септември ќе бидат директна поддршка во имплементацијата на реформите во училиштата. Вие имате долгогодишно искуство од пракса и најдобро може да го кажете својот став во врска новите наставни материјали“, рече Царовска.

Наставниците-ментори имаа можност да ги продискутираат содржините на материјалите, да го кажат своето мислење во врска со начинот на кој се подготвени и да ги кажат забелешките, сé со цел да се обезбедат квалитетни и современи материјали кои се во целосна согласност со новата Концепција. Фокус групата истакна дека учебниците се вистинско освежување во наставниот процес затоа што наликуваат на сликовници кои децата ги сакаат. Материјалите се интерактивни, оставаат можност за работа во самиот учебник и ги поттикнуваат учениците низ илустрациите, активности и експериментите да го засакаат предметот.

„Учебниците ги видовме како една едиција. Без разлика што авторите се различни, предметите се различни, сепак тие претставуваат една целина, тесно се поврзани меѓусебе и го задоволуваат делот којшто се однесува на интеграција на предметите предвиден со Концепцијата“, рекоа дел од наставниците-ментори.

Новата Концепција стартува од септември. По нови наставни програми, со нови материјали за учење наставата ќе се одвива во прво и четврто одделение. Реформите во деветолетката ќе се воведуваат етапно и целосно треба да бидат имплементирани во следните 5-6 години.    

 

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar