Опозицијата во периодот пред изборите минатата година трчаше меѓу граѓаните и тоа во услови на пандемија која сега ја сметаат за неповолен период за промени, ветувајќи дека најмладите ќе бидат ослободени од заморно учење на факти и репродукција на факти, ќе бидат фокусирани кон развој на критичко размислување, на демократски капацитети и кон мултиетничко образование и почитување на различностите. Сето ова се работи кои ние веќе ги имаме направено. Тие се содржани во Концепцијата и од септември ќе станат дел од образовниот систем, а најголемата опозициска партија сега се противи на сето тоа.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на вечерашното гостување во емисијата 24 Анализа на ТВ 24, прашувајќи кога всушност претставниците на ВМРО –ДПМНЕ лажеле, дали тогаш или сега?
„Се надевам дека после сите манипулации со граѓаните, најголемата опозициска партија ќе собере сили и ќе покаже конструктивност за заеднички во Собранието да се донесат законските решенија кои се целосно усогласени со препораките на ОЕЦД, УНИЦЕФ и другите меѓународни организации кои го следат развојот на земјата и помагаат на неговото забрзување“, рече Царовска, додавајќи дека тоа е подобра опција за опозицијата, отколку да продолжат да бидат извор на дезинформации и лажни вести.
Министерката рече дека кога сакате нешто да направите, тогаш барате начин како да го направите тоа. Ако нешто не сакате, барате изговори како пандемија, токму како опозицијата.
Царовска потенцираше дека заедно со премиерот стојат зад сето она што го зборуваат во јавноста и се трудат да го реализираат. И токму затоа, како резултат на заложбите, крупните промени во образовниот систем ќе стартуваа со почетокот на следната учебна година.