Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска на конференција за Холокаустот: образованието е најмоќната алатка справување со дискриминацијата, насилството и нетолерантноста

Царовска на конференција за Холокаустот: образованието е најмоќната алатка справување со дискриминацијата, насилството и нетолерантноста

 

Царовска на конференција за Холокаустот: образованието е најмоќната алатка справување со дискриминацијата, насилството и нетолерантноста

 

 

Сеќавањата за Холокаустот создаваат голем немир и болка особено помеѓу потомците на жртвите и хероите на болната идеја да се истреби цел еден народ, како и кај секој друг човек со нормален разум и развиени емоции. Но, токму таа болка создава и сплотеност и ја одржува борбата за ова зло никогаш да не се повтори. Република Северна Македонија е активен учесник во таа борба. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на онлајн работилницата „Справување со антисемитизмот преку образование“ во организација на ОБСЕ - ОДИХР и УНЕСКО, а со поддршка на Министерството за образование и наука и Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.

 

„Верувам сите ќе се согласиме дека образованието е најмоќната алатка за справување со антисемитизмот и воопшто со дискриминацијата, насилството и нетолеранцијата. Само преку едукација на граѓаните може да се спречи уништувањето на демократските вредности во секое општество“, рече Царовска, додавајќи дека токму поради тоа,   образовниот систем ги насочува учениците да стекнуваат сеопфатни знаења и влечат поуки од вакви историски случувања.

 

Министерката потенцираше дека секој човек мора да сфати уште од најрана возраст колку е лоша злоупотребата на моќта, какви последици може да создадат нетрпеливоста, предрасудите, нетолеранцијата по било каков основ, но исто така какви последици може да создаде и индиферентноста на поединци, групи или воопшто на општеството кон таквите појави. Младите, како што рече мора да научат да препознаваат негативни појави и опасности и да стекнат чувство на лична одговорност дека и од нив зависи какво општество ќе создаваме.

 

„Во нашите училишта се учи за Холокаустот. Тој е интегриран во дел од наставните програми по предметите, а има и навистина доста материјали, но и прирачници како да се организира наставата на оваа тема. И тие постојано се надополнуваат со поддршка на низа партнерски организации и институции. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на ОДИХР и УНЕСКО и за новите изработени едукативни материјали кои верувам ќе бидат исклучително важни за надополнување на фондот на знаења на учениците и корисни за целта која ја остваруваме“, потенцираше Царовска.

 

Пред учесниците на работилницата информираше дека Министерството за образование и наука заедно со Бирото за развој на образованието, но и голем број експерти, универзитетски професори и практичари – наставници од училиштата, изработија целосно нова Концепција за основно образование и нови наставни програми за прво одделение во кои особено внимание се посветува на тоа да учениците уште од најрана возраст се воведуваат во граѓански вредности поврзани со родовата еднаквост, инклузивноста, мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на правата и различностите.

 

„Со тоа, преку совладувањето на овие теми значително се намалува веројатноста за ширењето злоба и предизвикувањето опасности во општеството од овој аспект“, рече Царовска, додавајќи дека институциите на системот нема да отстапат од заложбите за градење на мирољубиви генерации кои ќе ги негуваат и развиваат демократските и граѓанските вредности на општеството кои се основа на мирот и основа за севкупен општествен просперитет.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar