Министерството за образование и наука не се откажува од носењето на целосно нов закон за учебници со кој се воведуваат современи материјали за учење и се нуди можност за дигитализација. Ги повикуваме граѓаните и родителите да не подлегнуваат на грубите лаги и политички манипулации пласирани во јавност од страна на пратеници од опозицијата. Во интерес на објективно и вистинито информирање на јавноста по координација со Секретаријатот за европски прашања Законот е вратен за да се дополни само делот за усогласување со европските документи, како дел од процесот на усогласување на националното со европското законодавство. Законот денес е на дневен ред на Влада, по што ќе биде доставен до Собранието.
При усогласувањето со СЕП земени се предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата како: ,,Обликување на дигиталната иднина на Европа” (Shaping Europe`s digital future), ,,Дигиталниот образовен акциски план 2021-2027” (Digital Education Action Plan 2021 – 2027), Европската област за образование до 2025 година и Комуникето за достигнување на Европската област за образование до 2025 година и трансформирање на образованието и обуката за дигиталното време (European Education Area 2025 и Communication on Achieving a European Education Area by 2025 and resetting education and training for the digital age), во чиј фокус се развој на дигиталните вештини на учениците, креирање и употреба на дигитални наставни материјали, развој на едукативни платформи, развој на дигиталните вештини на наставниците и трансформација на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес.
Поконкретно, во септември 2020 година Европската комисија усвои две иницијативи кои имаат за цел да го зајакнат придонесот на образованието и обуката во закрепнување на ЕУ од кризата и да помогнат во градењето на „зелена“ и дигитална Европа. Првата иницијатива е заживување на Европска област за образование со шест димензии: квалитет, инклузија и родова еднаквост, зелени и дигитални транзиции, наставници, високо образование, посилна Европа во светот. Втората иницијатива е новиот Акциски план за дигитално образование (2021 – 2027) со иницијативи за висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование во Европа. Планот предвидува акција и посилна соработка меѓу земјите членки на европско ниво, како и меѓу сите засегнати страни, со цел системите за образование и обука да се направат соодветни за дигиталното време. Здравствената криза го стави учењето од далечина во центарот на образовните практики. Тоа ја истакна потребата од унапредување на дигиталното образование и негово третирање како клучна стратешка цел за висококвалитетно учење и учење во дигиталното време. Како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука. Спомнатите иницијативи ќе треба да понудат начини за подобрување на квалитетот, особено во однос на основните и дигиталните вештини, да го направат училишното образование поинклузивно и родово чувствително и да ги подобрат постигањата на учениците.