Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: градиме образовен систем кој ќе ги исполни целите на Стратегијата за паметна специјализација

Јаневска: градиме образовен систем кој ќе ги исполни целите на Стратегијата за паметна специјализација

 

Јаневска: градиме образовен систем кој ќе ги исполни целите на Стратегијата за паметна специјализација

 

Македонија има Стратегија за паметна специјализација која дефинира области каде имаме потенцијал за развој. Најважен ресурс за остварување на дефинираните цели е човечкиот капитал и токму во таа насока го обликуваме образованието, да создава кадар кој е потребен во приоритетните области на стопанството. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на Светскиот образовен форум што се одржува во Лондон, каде е говорник на панел дискусија за влијанието на стручното образование врз економскиот раст.

 

„Стратегијата за паметна специјализација нé насочува кон дигитална и зелена транзиција во областа на паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електро-машинска индустрија, и одржливи материјали и паметни згради. Во овие области е потребен стручен кадар и затоа сме фокусирани на унапредување и промоција на средното и високото стручно образование“, рече Јаневска.

 

Министерката информираше дека средното стручно образование во Македонија е целосно модернизирано, се применуваат модуларни наставни програми, има добро обучени наставници, а во едуцирањето на учениците учествуваат и компаниите.

 

„Во 2017 година воведовме концепт на дуално образование, односно учење преку работа и тој постојано се проширува. Компаниите се вклучени во развојот на практичните вештини кај младите и денес во македонските средни стручни училишта учат 70% од вкупниот број на средношколци“, рече Јаневска, потенцирајќи дека и во високото образование фокусот е насочен кон техничките науки, но дека постои простор за продлабочување на соработката помеѓу универзитетите и бизнис секторот.

 

Јаневска е прв македонски министер за образование што се обратил на Светскиот образовен форум во Лондон кој е најголем глобален собир на министри за образование и вештини и има традиција повеќе од 20 години. Панелисти заедно со министерката беа министерот за образование, наука и истражување на Маурициус, Сукон Кавирај Шарма и директорот за образование и вештини на ОЕЦД, Андреас Шлихер.

 

Оваа година форумот е посветен на прашања поврзани со развојот на инклузивни, одговорни и отпорни образовни системи кои поттикнуваат правичен и одржлив социо-економски раст. Се дискутира и за изнаоѓање иновативни решенија на актуелни глобални предизвици, етичка употреба на современата технологија и вештачката интелигенција, за ефективни начини на воспоставување јавно-приватни партнерства и развој на меѓународната соработка.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar