Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: растат платите во образованието, инвестираме во инфраструктурата и во нови наставни програми и учебници

Јаневска: растат платите во образованието, инвестираме во инфраструктурата и во нови наставни програми и учебници

 

Јаневска: растат платите во образованието, инвестираме во инфраструктурата и во нови наставни програми и учебници

 

Образовниот систем создава кадар каков што му е потребен на македонското стопанство, на индустријата, економијата, трговијата, па и администрацијата. Но проблемот е друг, демографски. Лошите политики во изминатите години го намалија бројот на населението. За 7 години, бројот на ученици е намален за 17 илјади. Имаме 7 илјади студенти помалку. Не можат да се пополнат сите новосоздадени места или испразнети постојни. Ние како нова Влада се трудиме да го спречиме трендот на иселување и да го стимулираме наталитетот со квалитетни политики и мерки.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на панел дискусијата „Образование на иднината: градење лидери, мислители и иноватори“ во рамки на 14-от годишен Самит на Македонија 2025, одговарајќи на прашање дали образовниот систем продуцира кадар со потребни вештини и дали бизнис заедницата е доволно вклучена во образованието на младите.

 

„Особено ме радува што сé повеќе се зголемува општествената одговорност кај компаниите и тие сфаќаат дека се важна алка во образовниот систем и без нив, без нивно учество во едуцирањето на младите, државата не би можела да создаде работна сила каква што тие очекуваат. Успешен пример на соработка е дуалното образование. Над 550 компании примаат деца на практична обука и нудат можност за нивно вработување по стекнувањето на дипломата, се разбира доколку ученикот не изрази желба за понатамошна академска надградба“, рече Јаневска, потенцирајќи дека соработката меѓу образовните установи и компаниите е помалку изразена во високото образование и постои потенцијал за воспоставување нови релации. 

Говорејќи за приоритетите на Владата кога е во прашање образованието, Јаневска рече дека три клучни столбови го детерминираат квалитетот на наставата: наставни програми и учебници, мотивиран наставен кадар и инфраструктура.

 

„Се трудиме постојано да ги зајакнуваме сите три столба. Заедно со Бирото за развој на образование изготвуваме нови наставни програми, со унапредена содржина која ги има интегрирано глобалните образовни трендови, нови достигнувања, факти и слично. Врз основа на тие наставни програми се изработуваат и нови учебници, без грешки и небулози кои ги имаше во минатото. По некои предмети воопшто немало учебници и децата немале од што да учат. На пример по цели шест години од септември ќе имаме учебници странски јазици“, рече Јаневска.

Потсети дека платите на наставниот кадар во два наврати за 10 месеци се зголемени вкупно за над 12%, додека согласно договорот со СОНК во текот на владиниот мандат ќе се зголемат до 60% во зависност од степенот на инфлација. Се воведуваат можности за кариерен развој и напредување во звања, како и за професионален развој преку повеќе обуки на различни теми. Платите во високото образование од јануари 2025 се зголемени за 14% на професорите и за 8% на административниот кадар.

„Третиот столб е инфраструктурата. Ќе споделам дека само во моментов имаме активни 30тина инвестиции во вкупна вредност од 32 милиони евра. Градиме 7 нови училишни објекти, 20тина реконструираме, градиме 4 спортски сали, реконструираме два студентски дома. Училиштата ги опремуваме со нови клупи, столчиња, нова ИТ технологија, интернет онаму каде за жал недостасувал досега“, додаде министерката.

Владата се труди да ги следи глобалните образовни трендови, повеќе да ги насочи младите кон етичка примена на вештачката интелигенција, развој на дигитални вештини, медиумска писменост, избор на СТЕМ области и слично.

Говорејќи за квалитетот во високото образование и науката, рече дека преку контроли на министерството и на Државниот просветен инспекторат биле затекнати фрапантни ситуации, поради кои 13 приватни научни институти се затворени, бидејќи во најголем дел не работеле по закон. Рече дека има приватни универзитети кои постојат како трговски претпријатија, штанцале дипломи години наназад и Владата им се спротивстави. Но, посочи и дека има приватни универзитети кои навистина добро работат.

„Не сум против отворање на приватни школи, универзитети и слично, но секој мора да го почитува законот и уште поважно, тие да не се отвораат исклучиво за бизнис цели, туку со мисија навистина да помогнат во подобрување на квалитетот на образованието во државата и да градат добро подготвени млади генерации. Мораме наместо кон квантитет, да се ориентираме кон квалитет“, заклучи Јаневска.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar