Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Јаневска: продолжува одличната соработка со младите и грижата за подобар ученички и студентски стандард

Јаневска: продолжува одличната соработка со младите и грижата за подобар ученички и студентски стандард

 

Јаневска: продолжува одличната соработка со младите и грижата за подобар ученички и студентски стандард

 

Новата Влада има одлична соработка со младите. Во изминатите шест месеци излеговме во пресрет на повеќе нивни барања, со што се проширија правата и можностите за учениците и студентите. Ја продолжуваме редовната комуникација и заложбите за подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска по денешната средба со претставници на Националното студентско тело, Сојузот на средношколци и Форумот за образовни промени, на која се дискутираше за заедничките приоритети во 2025 година.

 

Продолжуваме да дискутираме за нивните потреби и за олеснување на процесот на образование и секојдневно функционирање. Драго ми е што учениците и студентите се задоволни од досега преземените активности и мерки, а јас уверувам дека ќе биде уште подобро за нив во сопствената земја. За оваа година обезбедивме буџет за студентски стандард кој е за 18% поголем од ланскиот и ќе изнесува 30 милиони евра“, рече Јаневска.

 

Потсети дека на самиот почеток на календарската година, овозможен е бесплатен превоз за студентите во Скопје, односно Владата одлучи да префрли 120 милиони денари на ЈСП Скопје, за разлика од претходното владино раководство кое три години немаше донесено ваква одлука.

 

Јаневска информираше дека минатата година го прифати барањето на студентите за  субвенциониран студентски оброк да користат и бруцошите почнувајќи од месец октомври, што порано не беше така, како и дека оваа мерка или ќе го прошири опфатот на корисници или ќе се зголеми дневниот износ за студентите кои сега го остваруваат ова право.

„Ги олеснивме критериумите за искористување на стипендиите за студенти запишани на студиски програми за наставен кадар. За стипендиите за втор циклус на студии во државата, овозможивме да аплицираат студенти со завршени тригодишни додипломски студии, кои порано беа дискриминирани. Постапките целосно ги дигитализиравме, така што повеќе нема доставување на хартиени договори и решенија. Ќе напоменам и дека навремено ги исплативме ученичките и студентските стипендии за тековната учебна, односно академска година, за разлика од минатото кога исплатата доцнеше по шест и повеќе месеци“, рече Јаневска.

Министерката потсети и дека во тек е етапна реконструкција на студентските домови, како и дека оваа година ќе продолжи изградбата на ФИНКИ и ФФК.    

„Ќе има уште многу нови инвестиции, подобри услови за образование и повеќе права и можности кои ги уредуваме со нова законска регулатива. Следува изработка на нови закони за високо образование и за студентски стандард, процес во кој студентите се директно вклучени“, додаде Јаневска, потенцирајќи дека младите се иднината и мора да им се овозможат сите услови за тука да го реализираат својот потенцијал.

 

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar