Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Студентите ќе имаат бесплатен превоз во 2025 година, Владата му префрла 120 милиони денари на ЈСП - Скопје

Студентите ќе имаат бесплатен превоз во 2025 година, Владата му префрла 120 милиони денари на ЈСП - Скопје

 

Студентите ќе имаат бесплатен превоз во 2025 година, Владата му префрла 120 милиони денари на ЈСП - Скопје

 

 

Студентите во главниот град ќе имаат бесплатен јавен превоз во 2025 година. На денешната седница, Владата донесе одлука да му префрли 120 милиони денари на ЈСП - Скопје, информираа на прес конференција претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска.

 

Претходната Влада три години не обезбедуваше средства за оваа намена и немаше донесено ваква одлука. Оттука и недовербата која студентите ја имаа кон извршната власт. Ги уверувам треба да бидат спокојни затоа што новата Влада ги исполнува ветувањата и обврските кон граѓаните, а токму оваа наша одлука е потврда за тоа“, рече премиерот Мицкоски, додавајќи дека бесплатниот јавен превоз, ќе им овозможи на студентите поголема достапност и ќе ги ослободи од финансискиот товар со што ќе може повеќе да се фокусираат на студиите и личниот развој. 

 

Министерката Јаневска рече дека во изминатите 6 месеци министерството интензивно комуницираше со студентите околу нивните потреби и беа прифатени повеќе нивни барања.

 

„Овозможивме бруцоши да користат субвенциониран оброк од први октомври, што не беше така до лани. Во 2025 година, или ќе се прошири опфатот на оваа мерка со вклучување на оние кои се вработени на половина работно време, или пак, ќе се зголеми износот на дневниот надоместок. Тоа ќе одлучиме заедно со студентските организации“, додаде министерката.

 

Годинава беше овозможено за стипендиите за втор циклус на студии во државата, да аплицираат и студенти со завршени тригодишни додипломски студии. Навремено беа исплатени ученичките и студентските стипендии за тековната учебна, односно академска година, за разлика од минатото кога доцнеа повеќе од половина година.

 

Јаневска потсети и дека беа олеснети постапките за аплицирање и за остварување на правото на стипендија. Учениците и студентите повеќе не доставуваат хартиени договори во МОН, ниту пак, министерството доставува хартиени решенија. Процесот за прв пат се одвиваат целосно електронски.

 

Јаневска информираше дека за 2025 година е обезбеден за 18% поголем буџет за студентски стандард споредбено со годинава и ќе изнесува 30 милиони евра. Ќе продолжи реконструкцијата на државните студентски домови, како и изградбата на објектите за ФИНКИ и ФФК.

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar