Со измените на Законот за основно образование се обидовме на најдобар начин да ја решиме инклузијата на учениците со попреченост, а родителите не треба да се грижат, зашто промената на моделот ја правиме за доброто на децата, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во вечерашната „Топ Тема“ на ТВ Телма.
„Веќе подолг период стручни лица велат дека тоталната инклузија е пропаднат проект, затоа што голем број деца кои имаат поголеми потешкотии или имаат мултихендикеп, тоталната инклузија ги остави дома, без никакво образование. Новиот закон нуди сите деца со посебни образовни потреби, што можат да одат во редовни училишта, да одат. Но, доколку одредени деца не постигнуваат успех во редовните училишта, постои можност, со дозвола на родителите, но пред сé со дозвола на Комисијата за проценка на функционалност, да бидат запишани во ресурните центри, каде што имаат на располагање многу повеќе стручни лица и кадешто може да им се обрне повеќе внимание. Дополнително, законот предвидува формирање и на општински ресурсни центри, што во моментов ги немаме“, појасни министерката.
Таа додаде дека ако во иднина се покаже дека ова не е добро решение, како што се покажа дека тоталната инклузија не е добро решение, законот може да се промени во секој момент. Но, потребен е извесен период да фунционира, за да може да се направи анализа кое решение е подобро.
Јаневска информираше дека денеска во Собранието беа усвоени законите за основно, за стручно образование и обука, за учебници, за образование на возрасни и за национална рамка на квалификации.
„Во измените и дополнувањата на Законот за основно образование го решаваме проблемот на физичкото одвојување или сегрегацијата на ученици, што постои според пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, за ученици Роми. Веќе имам појаснето дека државата не врши сегрегација, туку дека тоа е начин на живеење на одредени етникуми, кадешто тие се групираат во одредени маала. Но, бидејќи имаме пресуда што мора да се почитува, преземавме одредени мерки во однос на балансирано формирање паралелки, промена на реонизацијата и позитивна дискриминација со вложување во училиштата“, рече министерката.
За новиот Закон за стручно образование и обука рече дека е значаен затоа што го регулира дуалното образование и регионалните центри, се воведуваат координатори за соработка со бизнис заедницата и ментори за учење преку работа.
По однос на забелешките за ненаведување на сите основи за дискриминација во измените на регулативата, Јаневска појасни дека како држава имаме силен системски закон во кој се наброени сите дискриминации и во секое време можеме да се повикаме на истиот.