Оптимизација на училишната мрежа и подобрување на инфраструктурните услови, воведување на едносменско работење и продолжен престој за учениците, нови наставни програми и учебници, дигитализација, како и обезбедување повисоки плати за наставниците се меѓу клучните приоритети на кои во моментов е фокусирано Министерството за образование и наука. Ова го истакна Елена Ивановска, државен секретар во МОН на денешниот 15ти состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, на кој дискутираше за активностите насочени кон остварување на целите од Реформската агенда 2025 – 2027.
„Во моментов реализираме 36 капитални инвестиции и 40тина помали санации во училишни објекти. На ова ќе го надоврзам и процесот на оптимизација на училишната мрежа кој го спроведуваме заедно со УНИЦЕФ, Светската банка и локалните самоуправи, со цел рационално искористување на расположливите материјални и човечки ресурси“, рече Ивановска.
Нагласи дека МОН се залага за воведување на едносменска настава во сите училишта, затоа што докажано дава позитивни ефекти, а новото раководство има интенција преку продолжен престој, со повеќе наставни и воннаставни активности, да овозможи учениците да минуваат подолго време на училиште, бидејќи како што рече, децата на 15 годишна возраст во Македонија имаат 900 часови помалку од европскиот просек.
„Приоритет е и унапредувањето на законската регулатива, заради повеќе права и можности за македонските ученици и студенти, но и за градење на мирна и хармонична средина во која ќе нема место за насилство и дискриминација по ниеден основ. Шест законски решенија го минаа филтерот на јавноста, а уште толку нацрт верзии на други закони ќе бидат дадени на јавна расправа во многу скоро време“, информираше Ивановска.
Платите на наставниците во училиштата, во следните четири години ќе се зголемат до 60%, додека професорите во високото образование веќе од следната година добиваат 30% повисоки плати.
Ивановска рече дека е започната темелна реформа на гимназиското образование, додека средното стручно образование дополнително се зајакнува со основање на 8 регионални центри за стручно образование и обука, од кои 5 се веќе формирани. Посочи и дека се интензивира процесот на дигитализација на образованието и постапките за остварување на права во оваа област.
Изразувајќи благодарност до сите кои помагаат во заложбите за поквалитетен образовен систем, Ивановска рече дека очекува добрата соработка со другите институции, како и со граѓанскиот сектор да продолжи и понатаму, во интерес на севкупен напредок на државата.
На состанокот на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика кој се одржа во Владата, покрај претставници на државните институции, учествуваа и претставници на повеќе граѓански организации.