Врз основа член 54 став 1 од Законот за ученичкиот стандард („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14, 146/15, 30/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/20 и 302/20), Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици/ запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 180/24), и Решението за распишување Конкурс за доделување 50 (педесет) стипендии за ученици– деца без родители од средното образование од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година бр.19-10119/1 од 27.09.2024 година Министерството за образование и наука распишува
К О Н К У Р С
за доделување 50 (педесет) стипендии за ученици– деца без родители од средното образование од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година
Министерството за образование и наука за учебната 2024/2025 година ќе 50 (педесет) стипендии за ученици– деца без родители од средното образование од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија, а ги исполнуваат следните услови: 1. Да се редовни ученици од I година, кои во текот на основното образование постигнале најмалку добар успех; 2. Да се редовни ученици од II, III и IV година, кои во текот на средното образование постигнале најмалку добар успех; 3. Да имаат потврда од надлежен Центар за социјални грижи, потврда од домот каде што е згрижен или друга соодветна документација со која ќе докажат дека се деца без родители; 4. Да не повторувале година во текот на образованието; 5. Да не се корисници на стипендија од други институции или фирми; 6. Да се државјани на Република Северна Македонија.
Критериуми за доделување на стипендиите се остварениот успех. Доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година.
II. НАЧИН, МЕСТО И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ Ученици кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk од 01.10.2024 до 15.10.2024 година.
Потребни документи кои се потребни за прикачување на апликацијата се следните: 1. Потврда дека кандидатот е редовен ученик во учебната 2024/2025 година; 2. Свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение) (да се прикачуваат оригинални Свидетелства): 3. Потврда од надлежен Центар за социјални грижи, потврда од домот каде што е згрижен ученикот или друга соодветна документација со која ќе докаже дека е дете без родители; 7. Трансакциска сметка на име на ученикот; Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Правилникот за образецот на барањето за сместување во ученички дом и образецот на барањето за доделување стипендија, со потребната документација („Службен весник на Република Македонија” бр.189/16), ќе го обезбеди следниот документ: - Уверение за државјанство на Република Северна Македонија од Министерството за внатрешни работи.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако прикачената документација е некомплетна или доколку документите се достават/испратат хартиено.
Списокот со избраните кандидати ќе биде објавен на http://e-uslugi.mon.gov.mk во делот „Новости“ најдоцна до 21.11.2024 година, а сите кандидати ќе добијат решенија во врска со статусот на поднесените апликации на своите електронски профили на http://e-uslugi.mon.gov.mk .
III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА |
Висината на стипендијата ќе изнесува 3.500,00 денари месечно и ќе се исплатува во траење од девет (9) месеци за времетраењето на учебната 2024/2025 година.