Врз основа на член 54 став 1 од Законот за ученичкиот стандард („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14, 146/15, 30/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/20 и 302/20), Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици/чки запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 180/24), и Решението за распишување Конкурс за доделување 150 (сто и педесет) стипендии за талентирани ученици– спортисти од јавните и средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година бр. 19-________/__ од __.__.2024 година, министерството за образование и наука распишува
КОНКУРС
за доделување 150 (сто и педесет) стипендии за талентирани ученици - спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година
Министерството за образование и наука за учебната 2024/2025 година ќе додели 150 (сто и педесет) стипендии за талентирани ученици - спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА
Право на стипендија имаат учениците кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија, а ги исполнуваат следните услови:
1. - Да се редовни ученици од I, II, III и IV година, кои во текот на претходната учебна години освоиле награда/диплома/потврда за освоено I, II или III место на меѓународен натпревар организиран од национална федерација или на државен натпревар од областа на спортот, организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт;
2. Да имаат постигнат најмалку просечен многу добар успех во досегашното образование;
3. Да не повторувале година во текот на образованието;
4. Да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;
5. Да се државјани на Република Северна Македонија.
Критериуми за доделување на стипендиите се остварен успех во текот на школувањето и освоена награда-и/диплома-и на државни или меѓународни натпревари.
За критериумот остварен успех, бодовите се добиваат според следната формула:
Оценка = бод.
За критериумот освоена награда/диплома/потврда на државни или меѓународни натпревари од областа на спортот, бодовите се утврдуваат во зависност од видот на освоената награда и тоа:
-I (прво) освоено место на меѓународен натпревар се вреднува со 5 бодови, а на државен натпревар со 4 бодови,
-II (второ) освоено место на меѓународен натпревар се вреднува со 4 бодови, а на државен натпревар со 3 бодови,
-III (трето) освоено место на меѓународен натпревар се вреднува со 3 бодови, а на државен натпревар со 2 бодови,
Додека според типот на освоената награда се вреднува со 2 бодови за поединечно освоена награда и 1 бод за екипно освоена награда, на пр.:
-Доколку ученикот освоил прво место во групен спорт на државен натпревар таа диплома ќе се вреднува со 5 бодови (4 бодови за освоено прво место на државен натпревар + 1 бод за екипно освоена награда), или
-Доколку ученикот освоил второ место во поединечен спорт на меѓународен натпревар таа диплома ќе се вреднува со 6 бодови (4 бодови за освоено второ место на меѓународен натпревар + 2 бода за поединечно освоена награда).
За критериумот освоена награда/диплома/потврда на државни или меѓународни натпревари од областа на спортот, треба да бидат исполнети следниве услови:
· За награда освоена на државен натпревар од областа на спортот ќе се признаваат само награди освоени на натпревари организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт, а не од спортски клубови, здруженија и сл.,
· За награда освоена на меѓународен натпревар од областа на спортот ќе се признаваат само награди освоени на натпревари организирани од национални спортски федерации, односно предвидени натпревари согласно календарот на одржување на натпреварите од Националните спортски федерации на Република Северна Македонија кои имаат Решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт,
· За освоена медала, групна награда од каде не може да се утврди кој е добитник на истата потребно е да се обезбеди Потврда за медалот/наградата која го потврдува учеството и освоеното место на спортистот.
II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Ученици кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, од 01.10.2024 до 15.10.2024 година
Потребните документи за доставување се следните:
1.Потврда дека е редовен ученик во учебната 2024/2025 година;
2. Свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение); (да се прикачат скенирани оригинални свидетелства)
3. Награди/дипломи/потврди за освоено I, II или III место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на спортот, организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт; (да се прикачат скенирани оригинални награди/дипломи),
4. Доказ/Потврда за меѓународниот карактер на натпреварот (Се доставува доказ или потврда од Националната федерација дека натпреварот e предвиден согласно календарот на одржување на натпреварите од Националните спортски федерации на Република Северна Македонија)
8. Трансакциска сметка на име на ученикот;
Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Правилникот за образецот на барањето за сместување во ученички дом и образецот на барањето за доделување стипендија, со потребната документација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.189/16 и 41/17), ќе го обезбеди следниот документ:
-уверение за државјанство на Република Северна Македонија од Министерството за внатрешни работи.
Наградите/дипломите/потврдите каде што нема прецизно утврдено освоено место и име на добитник, и не се освоени во претходната учебна година нема да се земаат во предвид.
Доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е некомплетна и доколку не е доставена преку http://e-uslugi.mon.gov.mk.
Списокот со избраните кандидати ќе биде објавен на http://e-uslugi.mon.gov.mk во делот „Новости“ најдоцна до 21.11.2024 година, а сите кандидати ќе добијат решенија во врска со статусот на поднесените апликации на своите електронски профили на http://e-uslugi.mon.gov.mk .
III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА
Висината на стипендијата ќе изнесува 3.500,00 денари месечно и ќе се исплатува во траење од девет (9) месеци за времетраењето на учебната 2024/2025 година.