Врз основа на член 52 од Законот за научно-истражувачка дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр. 46/08, 103/08, 24/11, 80/12, 24/3, 147/13, 41/14, 145/15, 154/15, 30/16 и 53/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 257/20, 163/21 и 64/24), член 7 од Правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри (“Службен весник на Република Македонија” бр. 18/12, 64/13, 98/13, 70/14, 88/14, 74/15, 140/15 и 178/15), член 2 и 3 од Правилникот за изменување на правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 166/21 и 187/24), Министерството за образование и наука распишува
К О Н К У Р С
ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ ЗА АКАДЕМСКИ СТУДИИ ОД ТРЕТ ЦИКЛУС ВО ЗЕМЈАТА ЗА АКАДЕМСКАТА 2024/2025 ГОДИНА
Министерството за образование и наука за академската 2024/2025 година ќе додели 20 стипендии за академски студии од трет циклус во земјата.
I.УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА:
Кандидатот кој ќе конкурира треба да ги исполнува следните услови:
· Да има завршено втор циклус академски студии чие вкупно времетраење со првиот циклус не е пократко од пет години и да има постигнат просечен успех од најмалку 8,5 посебно за првиот и посебно за вториот циклус на студии или да има нострифицирано диплома за академски студии од втор циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,50;
· Да е запишан на академски студии од трет циклус, прв пат во прва година, односно ја запишал редовно втората година со положени најмалку две третини од предвидените испити од првата година, односно ја запишал редовно третата година, во академската 2024/2025 година, на едно од следниве научни подрачја (области): природно-математичките науки (биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика) или на инженерство и технолошки науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, сообраќај и транспорт, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство, инженерство за заштита на животна средина, инженерство за заштита на работна средина и индустриско инженерство и менаџмент); хуманистички науки; општествени науки.
· Министерството за образование и наука ќе додели пет (5) стипендии чија тема на истражување е во корелација и соодветствува со целите и дефинираните приоритети во Стратегијата за паметна специјализација со фокус на дигитална и зелена транзиција.¹
- Кандидатот да има објавено најмалку 1 (еден) научно-истражувачки труд во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од научната област на која се однесуваат докторските студии;
- Да има 2 препораки од универзитетски професори;
· Студиската програма на која е запишан кандидатот да е акредитирана и да има решение за работа;
· Да не е корисник на стипендија од други даватели;
· Да знае еден од светските јазици;
· На денот на конкурирањето да не е постар од 38 години;
Министерството за образование и наука ќе додели вкупно десет (10) стипендии од научните подрачја (области) на природно-математичките науки и инженерство и технолошки науки; три (3) стипендии од научното подрачје од хуманистички науки и две (2) стипендии од научното подрачје од општествени науки.
II. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:
· Пријава;
· Диплома за завршени академски студии од прв и втор циклус студии и уверение за постигнат успех (заверени на нотар) или нострифицирана диплома за академски студии од втор циклус стекнати во странство;
· Потврда од високообразовната установа дека кандидатот е примен првпат во прва година на академски студии од трет циклус, односно ја запишал редовно втората година со положени најмалку две третини од предвидените испити од првата година, односно ја запишал редовно третата година, во академската 2024/2025 година, од кога започнува семестарот и колку семестри траат студиите;
· Копија од најмалку 1 (еден) научно-истражувачки труд објавен во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од научната област на која се однесуваат докторските студии
· Сертификат за познавање на еден од светските јазици;
· Две препораки од универзитетски професори;
· Своерачно потпишана изјава дека кандидатот не е корисник на стипендија за академски студии од трет циклус од други даватели (заверена на нотар).
· Уверение за државјанство;²
- Кандидатите кои ќе аплицираат за пет (5) стипендии кои што се во корелација и соодветсвуваат со целите и дефинираните приоритети во Стратегијата за паметна специјализација со фокус на дигитална и зелена транзиција, потребно е да достават, освен горенаведените документи, и потврда од високообразовната установа дека темата на докторатот е од областите и приоритетите од Стратегијата за паметна специјализација ( со потпис и печат на овластен потписник и архивски број на установата).
Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од соодветен овластен судски преведувач.
Потребните документи за доделување на стипендиите за академските студии од трет циклус во земјата може да се доставуваат во оригинал или копии заверени на нотар.
III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА:
Висината на стипендијата за студии од трет циклус во земјата изнесува 18.000 денари, за дванаесет (12) месеци во текот на академската година.
Стипендијата за втората година на студиите продолжува доколку кандидатот положил најмалку две третини од предвидените испити од првата година, односно стипендијата за третата година на студиите продолжува доколку на кандидатот му е прифатена докторската теза.
IV. ОБВРСКИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ
Избраниот кандидат со договор се обврзува дека ќе ги врати доделените средства доколку:
-најдоцна до шест години од потпишувањето на договорот не докторира, за избраните кандидати запишани прв пат во прва година, во академската 2024/2025;
-најдоцна до пет години од потпишување на договорот не докторира, за избраните кандидати кои ја запишале редовно втората година со положени најмалку две третини од предвидените испити од првата година, во академската 2024/2025;
-најдоцна до три години од потпишување на договорот не докторира, за избраните кандидати кои ја запишале редовно третата година, во академската 2024/2025;
V. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Со овој конкурс ќе бидат опфатени кандидатите кои што имаат запишано академски студии од трет циклус прв пат во прва година, односно ја имаат запишано редовно втората година со положени најмалку две третини од предвидените испити од првата година, односно ја имаат запишано редовно третата година, во академската 2024/2025 година.
*Доколку се пријават поголем број кандидати од предвидените 20 стипендии, Министерството за образование и наука ќе го примени критериумот за прифаќање на кандидатите со повисок просек односно бодирањето ќе се врши по основ на висината на просечниот успех постигнат во првиот и вториот циклус на студии. Во случај на пријавени кандидати со ист просек предност ќе имаат оние кандидати со повеќе научно-истражувачки трудови објавени во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од научната област на која се однесуваат докторските студии.
*Доколку не се пополни квотата од предвидените десет (10) стипендии од научните подрачја (области) на природно-математичките науки и инженерство и технолошки науки, министерството за образование и наука ќе ја предвиди можноста за зголемување на квотата за доделување стипендии од општествените и хуманистичките науки со доволен број на студенти кои ги исполнуваат условите, но не повеќе од вкупно дваесет (20) стипендии“.
Конкурсот ќе трае од денот на објавување заклучно со 18 ноември 2024 година.
Документите да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од трет циклус во земјата) или електронски на: https://e-uslugi.mon.gov.mk.
Некомплетните документи нема да се разгледуваат.
Информации за условите и критериумите под кои ќе се доделуваат стипендиите можат да се добијат во Министерството за образование и наука. Лице за контакт: Аријета Рамадани, канцеларија бр.1408.